Пред Хеди беше Барбара Ла Мар

Од оние ретки случаи кога некој е толку врвно харизматичен што може сè да му пројде. Постојано ја филувала својата животна приказна, се однесувала неодговорно, имала еден куп романси и Америка ја обожавала.

Најважно од сè е колку многу била талентирана. Не само што станала една од најталентираните вамп актерки во ерата на немиот филм, туку и се изборила за нејзиното место како сценарист, многу долго пред да почне битката за еднаквост меѓу половите во Холивуд - еднаш дури и го убедила Мусолини да се појави на филм кој го пишувала со уште еден сценарист.

„Од сите филмски сирени,” кажал за нејзе нејзиниот колега и љубовник Вилијам Хејнс, „мислам дека беше највеличествена - секогаш беше вистинската жена.”

Создавањето на таа жена е хаос: Родена е во ексцентрично, шоу-биз семејство како Рета Дејл Вотсон, во Јакима, Вашингтон, иако тврди дека е од Вирџина и почнува да настапува под името Били Девор. Во 1911-та, нејзиното семејство се сели во Лос Анџелес и почнува да работи бурлеска, шетајќи низ град со сестра ѝ Вајолет. Добива мали улоги во тоа време, а во еден момент за малку избегнува смрт - со сестра и одат на пат со некојси К.К. Боксли, за кој подоцна сфаќаат дека воопшто немал намера да ги врати назад. Полицијата се замешува и девојките преживуваат, но тука Ла Мар сфаќа колку јавноста сака фасцинантни приказни и почнува да измислува - дека е посвоена, дека е вдовица на мистериозен ранчер со кој се омажила во Мексико, и такви слични глупости, својствени за црно-бела холивудска ѕвезда.

Се мажи неколку пати, де со несреќи, де со алкохоличари додека не ѝ дојде преку глава:

„Ми се смачи од мажи, од обожавањето на мажите, таканаречената љубов на мажите.”

Повеќе ѝ се допаѓало да пишува.

Кога живеела во Њујорк со третиот маж, Бен, почнала да пишува сценарија за Фокс, под името Фоли Лајл. Повеќето биле автобиографски и се продавале како алва - во најдобрите години, Барбара заработувала по 10.000 долари. Сакала и да проба со поезија, но една средба со полиција ја пратила во друг правец.

Една другарка и актерка, Мери Пикфорд, ја убедува да се врати во Лос Анџелес со зборовите, „драга моја, ти си преубава да седиш зад камера.” Додека се шетала низ град една вечер, ја запрел полицаец и ѝ наредил да се прибере затоа што била „преубава и премлада за така сама да се шета во големиот град.” Еден новинар го слушнал тоа, и за кратко време, јавноста почнала да се вљубува во жената зад насловот на весникот од следниот ден:

The Girl Who Is Too Beautiful”.

Така се раѓа „Барбара Ла Мар”. Првата голема улога и е како фам фатал кај Даглас Фербенкс во The Nut (1921), и понатаму, ако ви се гледа има Souls for Sale (1923) и The White Moth (1924).

Eternal City од 1915-та е изгубен во времето, и за таму го има убедено Мусолини да се појави, што е доказ за нејзината проникливост и харизма.

На врвот на славата спиела околу два саати по ноќ за да има време за се што ќе ѝ текне. Пет години била среќна и радосна, истовремено се дрогирала и држела језиви диети, плус се мачела да се докаже како добра мајка. Бидејќи го родила синот надвор од брак, морала да изглуми посвојување. Весниците пишувале „Најопасната вамп на светот посвојува бебе”, па коментирале и со сомнежи за нејзината способност како мајка. И долго пред да се појават вакви, Барбара изјавува:

„Мајчинската љубов не им припаѓа ексклузивно само на еден круг русокоси жени, кои се спиритуални и совршени. Не можете да ставите ограда околу тоа и да речете - оваа жена може, оваа не може. Не. Сум видела и дно, сум видела и палати… Нема да признаам дека затоа што сум црна, со зелени очи и како што велат, убава, дека нема да бидам добра мајка за мојот син.”

Мислела добро, но кога почнала да работи на филмот „Девојката од Монмартр”, Ла Мар допрела до дното. Депресијата ја лечела со алкохол, не спиела и паднала во кома на снимање. Едвај пет години поминуваат од нејзиното деби на филмското платно, а Барбара Ла Мар догорува. Умира на 29-годишна возраст од туберкулоза.

На нејзиниот погреб доаѓаат илјадници - петмина и се онесвестуваат во гужвата - а нејзиното име продолжува да живее преку една друга личност со истата таа електрична енергија. Продуцентот Луис Б. Мајер, кој долго време и се восхитувал на Ла Мар, нарекол една нова актерка со нејзиното име. Благодарение на Барбара, светот нејзе ја запознава како Хеди Ламар, неверојатната жена што го смисли зачетокот на вифи-то.

30 август 2018 - 13:33