„Правилото 10/30“ за посреден живот

Мантра која бара од тебе одговорност, а притоа мотивира да се заврши задачата.

Превод: Направи уште 10 чекори, или дозволи уште 30 секунди за да „доправиш“ нешто.

Идејата е фина затоа што во пракса, ги елиминира сите недовршени ситници што ги оставаме за подоцна, или невидливите нешта на списокот што го имаме во глава.

Ако се проба, резултатот може да биде посредена куќа, испратени мејлови, па дури и дочитани книги и догледани филмови.

Неколку начини за пример:

Да ги враќаш работите на место - значи напорно е да се врати алатот во кутијата за алат, па го фрлаш во фиока, а ова во иднина само ти создава повеќе работа. Ако додадеш уште еден чекор на тоа средување, алатот ќе заврши каде што му е местото. Ако додадеш уште 30 секунди - исто.

Комплетно завршување на проект, макар и на организација на домот - откако ќе се умориш, додавање уште цели десет чекори на проблемот или те остава со решен проблем, или ти останува уште многу малку.

Чистење кујна - миење на уште тие две лажици во мијалникот чини 30 секунди. Враќање неколку работи на место, или празнење на машината за садови влегува во додадените десет чекори. Триесет секунди е и пребришување на целата површина со дезинфекција.

Плаќање сметки во моментот - особено важи ако користите мобилно или електронско банкарство. Ако ја земате сметката од сандаче и ја оставате некаде по куќа, со намера да ја платите во текот на денот, излегува во текот на неделата понекогаш. Но, ако одвоите 30 секунди да ја платите во моментот кога ќе влезете дома - завршено е.

И така натаму уште 30 секунди, или 10 страни читање, чистење на подот во целиот стан и уште 10 чекори до исчистување на бањата што ќе ја остававте за попосле, 30 секунди за регенератор за косата што веќе ви се суши, 10 чекори за излегување и фрлање на ѓубрето наместо да стои за после (и за некој друг да го фрли), 30 секунди за местење на креветот од сабајле... Корисно е и треба да се проба.

27 септември 2023 - 11:45