Правете нешто - сами

„Јас сум соло авантурист, осаменик. Жена што ја гледаш сама во кафич, како пие чај и чита книга. Јас сум од тие што себеси се носат на дејтови и јадат во ресторани сами, без срам. Јас сум жената што оди на концерти без да ѝ биде незгодно што е дојдена сама. Пеам на цел глас и одлично си поминувам.”

Како што стареам, сфаќам дека да ги правиш работите сам е прекрасно. Да, понекогаш е забавно и да бидеш во друштво на луѓе. Сепак, многумина знаат да потценуваат колку може да се ужива во некои активности без никакво друштво. Некои луѓе „бивањето сам” го гледаат како нешто лошо. Или значи дека си асоцијален, или дека си лузер - и ваквата социјална стигма е погрешна.

Постојат многу луѓе што се плашат да делуваат сами и животот да го искусат - сами. Морам да признаам дека и јас бев една од нив, а сега сфаќам дека многу сум пропуштила затоа што не сум сакала „да одам сама”. Кога сум сакала да одам некаде, без разлика дали е концерт или некака забавна активност, сум прашувала по другарки дали сакаат да дојдат со мене, и ако не сакаа, не одев ни јас.

Ваквиот менталитет ме закочи за многу работи и сега сум во фаза од животот кога не дозволувам никој и ништо да ме задржи и ќе правам сè што ќе ми падне на памет, дури и ако тоа значи дека ќе го правам тоа сама.

Откако го сменив тој начин на размислување и почнав да го живеам животот онака како што ми одговара, открив едно неверојатно чувство на слобода, слобода да бидам јас, слобода да правам што сакам да правам. И да ви кажам, нема подобро чувство од уживање во сопственото друштво.

Во претходниве неколку години, откако почнав да ги правам работите сама, почнав да си поминувам одлично. Шетам, возам точак, скокам со падобран и банџи, сама патувам и си создавам незаборавни спомени.

Научив да си бидам сопствен најдобар пријател. Јас сум жената што сама бира забавни активности, да ги искусувам сама ми е нормално.

Вистината е дека нема сите да сакаат да одат каде што ќе одиш ти, нема сите да ги интересира истото и нема сите да сакаат да мрднат од сопствената комфорна зона. Не дозволувајте овие луѓе да ве кочат - ако не сакаат да ви се придружат - нека им биде. Ама немојте животот да ви трпи затоа што некој „не сака да го прави тоа ти што сакаш да го правиш.”

Не се плашете да ги правите работите сами.

Некои од најдобрите искуства се случуваат кога ќе излезете сами во светот.

Кога ќе излезете (каде и да е тоа), сами, како сите сетила да ви се засилени. Одеднаш, боите се посветли, вниманието ви е насочено на детали, ги разгледувате луѓето околу себе, слушате звуци подобро од претходно и забележувате многу нови работи кај светот што ве опкружува. Добивате можност да си ги соберете мислите, да си го анализирате животот и да донесете правилни одлуки. Среќата не ви зависи од никој и конечно - станува јасно - доволен си си сам на себе.

Не пропуштајте ништо. Излезете и создавајте сеќавања. Уживајте во сопственото друштво.

Правете ги работите сами.

-Мици Џ. Хернандез

24 октомври 2019 - 17:58