Постои нешто што се вика „популарна тренерка”

Нема врска со Аеродром, има врска со принцезата Дајана.

Значи, може ќе ви се чини глупо, ама целово ова е трајна вредност во поп-културата, особено на островот опседнат со стилот на луѓето што божем го владеат. Сега ги следат до детал кралските снаи (и сè што носат се распродава), ама порано, најатрактивната кралска снаа и за гледање и за оговарање беше Дајана. И сега една од нејзините најјаки комбинации не само што испливува на површина, туку се дава на аукција.

Зошто „една од најјаките”? Затоа што има концепт.

Во ’90-ти, Ричард Бренсон на Дајана ѝ подарува горна тренерка со логото на Вирџин Атлантик. Нешто помалку од 30 години подоцна, тренерката ја ставија на аукција и почетните понуди влегоа со суми од 7000 долари и нагоре.

Ова принцезата го носела многу често, за вежбање, што всушност било умна тактика да ги зезне папараците, да не можат да пријават „нова” фотографија од нејзе.

Неколку месеци пред нејзината трагична смрт во 1997-ма, ја подарува на блиската пријателка и долгогодишен личен тренер, Џени Ривет.

„Оваа тренерка е подарок за Нејзиното Кралско Височество од Сер Ричард Бренсон. Стана едно од парчињата кои најчесто ги носеше за вежбање,” вели Ривет. „Мислеше дека има многу поважни работи за фокусирање во светот отколку облека за вежбање и реши дека ќе ја носи секое доаѓање за да го спречи медиумското лудило на тој начин.

Неколку месеци пред трагедијата, ми се јави да ми каже дека ми оставила неколку тренерки. Меѓу нив и оваа од која сега решив да се одвојам.”

Инаку, логото е ретро слика инспирирана од пин-ап модели, скицирано од перуанскиот сликар Алберто Варгас во ’30-ти и ’40-ти.

Отиде за 50.000 долари.

19 јули 2019 - 01:11