Теоретски, разбирливо е. Најчести дилеми: Работам премногу, па морам да поставам граници за да си го заштитам слободното време. Или, некој близок ми ја цица цела енергија, па морам да поставам граници што ќе ми ги заштитат нервите.
Добро, ама како?

Бидејќи е едно да знаеш кој е лекот, а друго е да знаеш како да го припремиш, од Man Repeller разговараат со Д-р Лиза Фајрстон, психолог и директор на истражување и едукација во Глендон асоцијацијата во Санта Барбара, Калифорнија.
Таа објаснува чекор по чекор како да научиме да поставуваме граници.
1. Прво нешто што мораш да го сфатиш околу неспособноста за поставување граници е дека е чест проблем
Знае да биде од помош кога ќе му текне на човек дека не е сам со тој проблем. Докторката објаснува дека неспособноста да поставиш граници често почнува од детството. „Многу родители испраќаат збунувачки пораки за тоа кој е родител, а кој дете. Не поставуваат јасни граници. Не дека се мрзливи и лоши родители – туку ни самите не биле научени на граници. Исто така, луѓе кои се наоѓаат во позиција на одговорност за некого во рана фаза од животот, имаат проблем со поставување граници затоа што многу рано се навикнуваат да се грижат за некој друг наместо за себе.
2. За да поставиш граници, прво мораш да поставиш цели и да си ги знаеш ограничувањата
„Велиме 'многу работам', но никогаш не кажуваме што сакаме да правиме, а што не,” објаснува Д-р Фајрстон. Наместо да го оплакуваме времето поминато на работа, носејќи двосмислени одлуки, лесни за прекршување, треба да се стремиме кон идеално време за заминување дома. „Сакам да си одам дома секој ден во 4.”
Потоа, одлучете се за потешкото: „Никогаш нема да останам во канцеларија после 5, додека имам работа во животов, колку и да имам работа, затоа што ќе ми биде полошо наредниот ден.”
3. Морате да бидете спремни на последиците (иако е можно да претерувате со страшните очекувања) и да си ги средите приоритетите според тоа
Д-р Фајрстон советува нешто што често не се зема во предвид кога се работи за поставување граници: Дека можеби во самиот процес е во ред да изгубиме нешто, ако тоа ни го зачува (менталното) здравје.
„Мора да ви биде јасно дека можете да изгубите одредени работи во процесот на поставување граници.” Значи – приоритети. Што е поважно: да се среди проблемот (често за да се стане подобар пријател, вработен, партнер) или да остане врската/работата неповредена? Фајрстон кажува дека нашиот ум често ги креира најцрните сценарија, но таквите најретко се случуваат. „Имаме тенденција да претеруваме дека постои некаков ризик да изгубиме врска или работа кога се работи за границите.”
4. Веројатно не е точно дека ние сме единствените што можат да ја завршат работата или да го утешат пријателот
Д-р Фајрстон вели дека можно е да го избегнуваме поставувањето на граници, за да задржиме едно чувство на моќ, на бивање посебен.
„Чувството дека си посебен заведува,” вели таа, „но најверојатно не е точно дека вие сте единствената личност што може да го прави тоа нешто, или да реши одреден проблем. Ваквите илузии не ни помагаат. Чувството дека си посебен е уште една работа што треба човек да биде спремен да ја изгуби, ако му се битни границите.”

5. Предизвикај го моментот „недоволно добар” и сфати ја сопствената вредност
„Има една опсесија дека никогаш не правиме доволно”, вели Д-р Фајрстон. „Постои еден страв дека ако имаме граници, не би правеле доволно. Добро е кога ова ќе се идентификува затоа што така можеш да почнеш да го предизвикуваш. Да, може ќе ти затреба психијатар за навистина да се фокусираш на тоа, но вреди да се идентификува за да почнеш да одговараш дали е тоа вистина или не. Ако сме на тема работа, запрашајте се: Дали колегите работат колку и вие?”
Д-р Фајрстон го спомнува и чувството на вредност што го има секој човек. Ако сите на работа си отидат во 4, а ти останеш до 8 за да докажеш дека си многу вреден, „не се вреднуваш себеси многу”, вели таа. „Не се вреднуваш многу ни ако мислиш дека твоите пријатели ќе се дружат со тебе само ако XYZ. Дали вредат повеќе од тебе?”
6. Колку сте оптеретени?
Овде се мисли на тоа колку сте оптеретени со таа една личност, или со работата. Ако една врска дошла до тоа да ти влијае на животот на еден нездрав начин, а ти не можеш да најдеш баланс, ако е напорна, ако е по шема, можеби треба да размислиш да побараш помош надвор од неа. „Дури и кога се работи за романтични врски, важно е да се знае каде завршуваш ти, а почнува другата личност. Кога ќе го изгубиш твојот одвоен идентитет, тогаш врската се влошува.”
7. Кога ќе ти стане јасно кои ти се границите, комуницирај ги со адекватните луѓе
Кажи му на пријателот, „Можам да ти се јавам само тогаш и тогаш, не можам да зборувам после тоа. Кажи им на колегите кога можеш, а кога не можеш да бидеш онлајн. Кога одиш на одмор, кажи дека планираш да земеш одмор и колку ќе бидеш достапен (ако воопшто).
8. Во ред е да кажеш не, во ред е да не одговараш на мејлови, да не креваш телефон…
Нè тренираат да реагираме брзо, и на работа и приватно, но вистината е дека не мораме. „Вие одлучувате,” вели Д-р Фајрстон. Но! Многу е важно да го смените и однесувањето откако ќе ја донесете таа одлука. „Ако го смените однесувањето, луѓето ќе сфатат и ќе се однесуваат како што прилега. Ако речете дека немате намера да примате повици после 7 часот, а сепак се јавите на телефон тогаш, луѓето ќе ја примат таа порака. Држете се до одлуката. Не е само да кажете, треба и да живеете според тоа.” На ова се инсистира, дури и кога имате работа со самодеструктивен пријател или наметлив шеф. Ваквите сценарија се разбирливо тешки, но вие сте само луѓе. Имате граници. Колку ќе се направите достапни за некого? Како може неговиот или нејзиниот живот да биде поважен од вашиот?
Секогаш кога ќе се обидете да најдете дупка во муабетов и кога ќе си речете „нема шанси за таа и таа граница”, нека ви текне на точка 3: Мора да бидете спремни да се соочите со последиците ако одлучите да поставите граници. И да не заборавите дека најлошите сценарија што ги замислувате, најчесто и не се случуваат.