Полска против жените

Со најновите рестрикции поврзани со абортусот, полските власти уште повеќе ќе ја поткопаат женската автономија.

Илјадници жени протестираат на улиците во Варшава и некои помали градови во Полска, против новите закони што забрануваат абортус во скоро сите случаи. Во моментов, правно се предизвикува еден закон од 1993, кој дозволува абортус во случаи кога „постои голема веројатност да има сериозен и неповратен вроден дефект или неизлечива болест што е закана по живот на фетусот“, за да се забрани абортус во сите случаи освен силување, инцест и кога животот на мајката е во сигурна опасност. Демонстрантите ги прскаат со солзавец, ги заплашуваат десничарски грубијани, но жените продолжуваат со своите транспаренти со Strajk Kobiet (женски штрајк) и Wyrok Na Kobiety (осуда за жените).

Три работи се важни за последниот напад на женската слобода. Првата е дека многу мал дел од јавноста ги поддржува последните политички потези. Иако Полска е главно католичка земја, анкетите покажуваат дека на гласачите им е во ред со статус кво. На политичарите требаше да им биде јасно дека гласачите не се за понатамошни ограничувања на правото на абортус.

Второто важно е дека, бидејќи полската влада си ја тера агендата за време на ковид-пандемија, има одврзани раце да затвора протести против ова и секакви политики се во игра. Многумина веруваат дека новите рестрикции се обид да се привлечат строгите католици од гласачкото тело.

Третото, и веројатно најважно што треба да се разгледа е што, иако лани во Полска биле дозволени само 1000 абортуси, меѓу 80.000 и 120.000 жени патуваат во странство за да добијат легална и здрава процедура. Во моментов, 98 проценти од сите легални абортуси во Полска се вршат поради абнормалности кај фетусот. Последните рестрикции ќе спречат речиси било каков абортус. Не се работи овде за заштитување на животот - се работи за тоа што на жените им се нарушува правото на здравствена заштита каква што им треба и каква што сакаат.

Не е доволно добро само да твиташ солидарност секогаш кога назадна влада ќе воведе рестрикции за женската слобода на овој начин. Треба да се соочи светот со злобните калкулации зад овие рестрикции. Полските власти се кријат зад „заштита на ранливите“, како групи на лица со посебни потреби, за да можат на раат да се мешаат во женската автономија.

И не се само Пољаци.

Во Велика Британија во моментов траат кампањи за одземање на правото на жените за скрининг за Даунов синдром и други состојби при кои би се одлучиле за прекин на бременоста. Некои групи за заштита на права на лица со посебни потреби расправаат дека дискриминацијата од која страдаат може да се поврзе со одлуките на жените да абортираат поради абнормалности кај фетусот.

Ова е одвратна реторика - жените прават индивидуален избор за бременоста; нивните одлуки не се никаков коментар за правата на луѓето со посебни потреби.

Неверојатно е што во 2020, на жените сѐ уште им се брани да решаваат за своите тела, од Лондон до Варшава, од Њујорк до Белфаст. Речиси и да нема агол од светот каде што можат да одлучуваат без да им се мешаат пратеници и политичари. Единствениот начин вистински да се реализира женската слобода во 21-ви век е да се расправа за декриминализација на абортусот и да се има доверба во нив дека ќе знаат да донесат вистински одлуки во однос на своето тело и живот, при приватен разговор со лекар.

Или тоа, или да се потсетиме на еден генијален твит, за кој во моментов го немаме изворот, но одеше од прилика вака:

Васектомиите се реверзибилни. Ако сакате да спречите несакана бременост и абортус, нека направат сите млади мажи васектомија додека не станат способни да бидат родители, па кога ќе одлучат дека е време, нека се вратат во првобитна состојба. Молам? Не ви е пријатно да им се мешате на мажите во репродуктивниот избор? Е па, ќутете, тогаш.

27 октомври 2020 - 09:40