Политичките нијанси на „Убавицата и ѕверот“

Приказната главно ја знаеме вака: девојката учи да го види карактерот зад застрашувачкиот изглед, се појавува љубов и се крши магијата, па имаме среќен крај што го наградува препознавањето на вистинските вредности. Од прилика така и почнува, ама е многу појако отколку што мислиме.

Истражувачи што се бават со фолклор и книжевност укажуваат дека оригиналната приказна била многу посложена од романтичната бајка што денес е широко позната.

La Belle et la Bête првпат била објавена во 1740 година од француската писателка Габриел-Сузан Барбо де Вилнев. Нејзината верзија е значително подолга и послоевита од подоцнежните адаптации, а настанала во период кога браковите меѓу припадниците на повисоките општествени слоеви често биле прашање на семејна стратегија, а не на личен избор. Во таков контекст, многу современи толкувачи ја читаат приказната како размислување за положбата на младите жени во тогашното општество, па наместо едноставна романтична хероина, Убавицата се појавува како лик кој се соочува со ограничувања врз кои има малку контрола. Живее во свет што не го избрала и е зависна од волјата на суштество кое располага со далеку поголема моќ од неа.

Особено внимание привлекува еден мотив што останал во сенка во многу подоцнежни преработки. Во текот на приказната, Ѕверот постојано ја прашува дали ќе се омажи за него. Нејзиниот одговор долго време останува непроменет: одбива. И секој пат одбивањето е прифатено.

Од овие причини, некои книжевни историчари гледаат во делото повеќе од класична љубовна приказна - за нив, значајниот момент не е конечната согласност, туку фактот дека одбивањето постои и дека е почитувано, затоа што баш ова е важно во време кога многу жени имале ограничено влијание врз сопствената брачна иднина.

Нема докази дека Вилнев експлицитно ја напишала приказната како критика на договорените бракови, но сепак се интерпретира на тој начин со оглед на историскиот контекст и темите присутни во текстот.

Пресвртoт во историјата на приказната доаѓа во 1756 година, кога француската писателка Жан-Мари Лепренс де Бомон објавува значително пократка верзија. Оваа е наменета за воспитување и образование на млади девојки и отстранува голем дел од сложените заплети и споредни теми што се наоѓале во оригиналот. Во следните векови таа ќе послужи како основа за безброј книжевни, театарски и филмски адаптации, обликувајќи го начинот на кој генерации читатели и гледачи ќе ја доживуваат приказната.

22 јуни 2026 - 11:04