Плејгрл се враќа

Во последниве неколку години, списанијата се мачат да го издржат притисокот на онлајн публикации, но изгледа тоа не важи за Плејгрл - се враќа и особено ќе се посвети на современите женски гласови и вредности. И некаде ко да ја грешат работата.

Невообичаен момент е одново да се пушти во продажба печатено списание, кое во ’70-те беше „забава за жени“. Новаа инкарнација доаѓа со моќна изјава: „Ние ќе преземеме од овде.“

Порано беше контра на Плејбој - со сите постери во средина и сите салтанати, само за спротивниот пол, но, според главната уредничка, тоа сепак личи на машка идеја за тоа како спротивното списание би требало да изгледа.

„Сѐ што направија во Плејбој, направија и во Плејгрл. Беше интересно неколку години, потоа се продаваше и се препродаваше и почна да личи на списание со геј-порно.“

Уредничката Скај Парот, фотографка и мајка на три деца (се прашуваме дали ако беше маж-уредник, веднаш после професијата ќе стоеше и татко на три) порано го уредувала Досие, њујоршки магазин кој зборуваше за социјален и расен диверзитет, за женскиот поглед и други аспекти на „прогресивното просветлување што го донесе 2020“, пред воопшто медиумите масовно да почнат да ги покриваат овие теми.

„Светот што го живееме е создаден од мажи и затоа во центар му се машките вредности. Јас сакав да создадам списание што може да понуди алтернативна гледна точка - женска,“ вели Парот. „Важно е кој ги креира сликите, и политиката на родовите ми е вткаена во работата. Длабоко размислував што треба да значи една феминистичка публикација, што може да биде, какви приказни треба да раскаже и како да ги раскаже. Се надевам дека сега е женска идеја за тоа какво треба да биде списанието, за тоа што се феминистички вредности и како можат да се однесат на уште повисоко ниво.“

За првата корица ја бираат Клое Севињи, бремена, пред објективот на Марио Соренти, што е комплетно спротивно на машката замисла за тоа како треба да изгледа една корица на списание.

Исто така, Плејгрл не би биле Плејгрл ако нема голотија, но се одлучиле за поинаков пристап - голотија со ранливост. Во една тотално погубна изјава, Парот ова го објаснува со

„За мажите голотијата значи секс, за жените значи дека се изложени.“

И така, Плејгрл со еден лесен потег им ја одзема голотијата на жените како алатка за чувствување моќ и ја џитна повторно во рацете на мажите.

Со среќа, ама изгледа нема да купиме. Целиот тој настап на „преземање контрола“, уште од старт како да беше замаглен од една непотребна подреденост, медиумите ги пренесуваат работите сѐ уште на погрешен начин (фотограф и мајка на три деца), додавање траор на нешто што всушност би требало да е пред се забавно (и забавното може да содржи важно, инспиративно и феминистичко) и на крај - голотија со ранливост.

И сето ова додека се затвораат реално феминистички магазини, од оние што не ти се качуваат на глава дека се феминистички, туку едноставно - се.

3 ноември 2020 - 09:50