Во интервју со Варајети, Натали Портман рече дека не препорачува млади луѓе да се мешаат во Холивуд. Актерката и продуцентка е во јавност поголемиот дел од нејзиниот живот - кариерата ја почна на 12, кога заедно со Жан Рено се појави во „Професионалец“, што години подоцна, во време на #МеТоо стана проблематично, затоа што сопругата на Лук Бесон, Маивен изјави дека приказната во филмот „13-годишно девојче се вљубува во возрасен човек“ е всушност базирана на нивната врска. Се запознале кога таа имала 12, а тој 29, а се земале кога забременила на 16.
Натали Портман вели дека нејзиниот однос кон тој филм е комплексен поради сексуализацијата на младите (меѓу кои е и таа за време на снимањето). Веројатно токму ова искуство ја тера да ја сподели загриженоста околу младите што доаѓаат во Холивуд, бидејќи за себе вели дека имала „случајна среќа“ што не била злоупотребена како дете што растело во филмската индустрија со оглед на тоа колку често ова се случува и дека најверојатно тоа се должи на строгоста на нејзините родители.
Сега, кога е и самата родител, вели дека не би ги пуштала така лесно нејзините деца во индустријата, особено не додека се мали бидејќи слушнала премногу приказни за деца-жртви.
Сепак, забележува дека денес има многу поголема свест за овие работи, но смета дека децата не треба да работат, туку да се фокусираат на школо и играње.
Во свет каде што сѐ поголем акцент се става на слушање на жртвите, сепак пораката е дека Холивуд не е безбедно место за деца и е важно што актери како Портман го споделуваат ова јавно, во надеж дека ќе дојде до системски промени и филмските студија ќе станат безбедна средина за сите.