Паровите што пијат заедно се посреќни

Имате навика после работа да се приберете, да зготвите или да нарачате нешто и да се напиете пиво или вино по дома? Ако да, тогаш, според наука - среќни сте.

Иако не мора да значи дека се потребни научни докази да се потврди дека се за честитање парови што си седкаат среќно заедно со чаша вино, наместо да ја пијат на друго место и со некој друг. Не дека ова второво е баш лошо.

Инаку, истражувањето е доста гломазно - објавено е во The Journals of Gerontology, а имало за цел да открие како алкохолот влијае на романтичниот однос меѓу паровите, особено кај постари, во брак кој во просек кај испитаниците траел 33 години. Резултатите, како што рековме се предвидливи и сепак позитивни.

Паровите што пиеле (во нормални количини) заедно биле посреќни во нивната врска, додека врските каде што само еден пиел биле далеку понехармонични (ма немој).

Она што извештајот од истражувањето го кажува е дека „сопругите што пријавиле дека пијат паралелно кога и сопрузите пријавиле дека пијат истовремено покажале и намален негативен квалитет на бракот.”

Што би значело, фино е да се напие човек нешто со брачниот партнер. Ова се разбира не значи дека треба со партнерот да се доведете до токсикологија за да си го унапредите односот - контекстот е сè уште клучен фактор. Да наздравите на празнична забава, или да пиете пиво со чипс и филм е многу посимпатично отколку да се скљокате во десет сабајле во сабота.

Д-р Кира Бирдит од Универзитетот во Мичиген за Ројтерс вели:

„Проблематичните пијачи се сосема друга приказна. Сериозно тешки пијачи имаат проблематични врски со луѓето, особено со нивните партнери.”

Што значи, кога би можеле со усул да се доведете до резултатите од истражувањево би било „и волкот сит - и овците на број.”

25 јуни 2019 - 23:59