Падот на Икар како мотивација да не ви е гајле што ќе речат другите

„Пејсаж со падот на Икар“ е голема слика од 1560-те, закачена во најголемиот музеј во Белгија и е детална и вредна копија на сега веќе изгубениот оригинал на фламанскиот сликар Питер Бројгел постариот.

Прикажува навидум вообичаени нешта: пловат бродови, овчар се занимава со овци, далечни градови личат просперитетни и средени. Но, во долниот десен агол на платното, се случува трагедија. Невнимателниот Икар, легендарната фигура од класичната митологија се наоѓа во последната фаза на она што претставува една од најславните аеронаутички катастрофи на античкиот свет.

Заедно со татко му Дедал, направиле крилја од пердуви залепени со восок. Дедал го предупредил син му да не лета преблиску до сонцето, за топлината да не му го стопи восокот, но непослушното момче се вивнало превисоко и, во сликата, штотуку почнува да се губи во брановите, каде што му завршува животот. Крајот на Икар е намерно надвор од фокусот на сликата. Човек мора внимателно да погледне, за да го види давеникот. Може и сосема да го пропуштите ако не го прочитате насловот. Наместо тоа, погледот го привлекуваат блескавите градови и бродовите во далечината.

За истакнување на поентата, земјоделецот е во центарот, како референца на поговорката „Ниеден плуг не застанува за човек на умирање“. Ова занемарување на трагедијата на Икар е, на едно ниво страшно и жално. А сепак, од друга перспектива е позитивно и искупувачко на еден важен начин. Еден од главните извори на нашата несреќа, е стравот да не си ја уништиме репутацијата и прашањето што ќе помислат другите за нас кога ќе паднеме - а сигурно ќе паднеме во одреден момент.

Најмалата промена во сликата што ја имаме за себе во очите на другите може да нѐ опседне. Лежиме нвечер будни и се прашуваме како да се справиме без одобрувањето на луѓето што не ги ни сакаме многу. Ја предаваме сопствената слобода на пресудата од непознати. Но, утешителната генијалност овде, е што ни се прикажува како, кога навистина ќе ја оплескаме работата, речиси никој нема да гледа во нас или премногу да се фокусира на тоа.

Земјоделецот си ора:

Овчарот е замислен за временските услови:

Некој друг таму е посветен на риболов:

Нашите трагедии не го окупираат општеството на начин на кој се плашиме дека ќе го окупираат. Можеби неколку луѓе ќе забележат, на кратко, но набрзо ќе продолжат на следното. Ние сме центарот на галаксијата само кај нас во глава.

На другите не им е многу гајле што ни се случува или што сме направиле. Светот е сѐ уште полн со луѓе што не слушнале за нас и никогаш нема да слушнат. Тие што ви се сега лути или се разочарани, наскоро ќе ве заборават. Срамот, со време ќе го впие масовната амнезија на утешително индиферентниот свет.

Нема да биде само Икар голтнат и скриен од брановите: истиот мрак ги чека и нашите најголеми грешки и срамови.

31 јануари 2021 - 20:37