„Woke“ е пуритански култ

Во Канада палат Астерикс и Тинтин стрипови затоа што не го поминале пуританскиот тест, се чуди Патрик Вест во колумна за Спајкд.

Новите политички идеологии често бегаат кон екстреми, како што нивните следбеници се обидуваат меѓу себе да си докажат кој е најпосветен. Верниците на „воук“ правецот особено, паѓаат во омамувачки бунар на компетитивна чистота, што ги прави се понеразумни и нетолерантни со секој нареден ден.

Страшна приказна излезе неодамна од Канада, покажувајќи дека следачите на овој култ на 21-от век го свртеле вниманието кон горење книги. Пред две години, во југозападен Онтарио, Conseil scolaire catholique кој спојува 30 школи, организираше прочистување на своите библиотеки, отстранувајќи и уништувајќи речиси 5000 книги, од кои 30 беа запалени на церемонија. Меѓу нив - стрипови со Астерикс и Тинтин, поради наводни расистички прикази на домородни американски народи. Еден од Астерикс броевите бил спорен затоа што во него биле сексуализирани домородни жени. Многу романи и енциклопедии со наводни негативни референци за Првите народи исто така паднале како жртви на чистката.

Колку и да не се согласувам со палењето книги, има нешто многу сомнително во стрип-епизодата „Затвореници на сонцето“ - во приказната, Инките не знаат кога ќе има еклипса. Тинтин, читајќи за неизбежното случување, успева да ги убеди дека ако го замоли сонцето, ќе ја има. Но дури и авторот подоцна има признаено дека овие обожувачи на сонцето сигурно би имале суштински и длабоки знаења од областа на астрономијата и дека многу добро би знаеле кога би се случило помрачување. Истовремено бил фасциниран од стари, изгубени цивилизации и иако понекогаш грешел околу фактите, секако им укажувал почит. Инките во „Затвореници на сонцето“ на крај излегуваат како добрите. Книгата е главно осудување на Европјаните што уништиле цела цивилизација заради богатства.

Луѓето кои живееле во она што е денес Перу навистина се фасцинантни. Ќе ги има и во изложба во Британскиот музеј. Изложбата ќе се отвори во ноември и ќе има десетици предмети како хроника на 3000 години човечка цивилизација на Андите - и според кураторите, се работи за култури што имале „пирамиди, илјадници години историја, неверојатен технолошки развој и поголеми градови од оние во Европа.“

За жал, нашата култура има морбидна фиксација за Ацтеките - кои во Мексико пристигнале околу 1300 н.е. - затоа што принесувале човчеки жртви и имале некој вид фудбал каде што черепи се користеле како топки. Каква штета е тогаш, што сите останати култури во Америките се главно непрепознаени.

Училишниот одбор овие палења ги нарекол „церемонија на прочистување со пламен“. Пепелта од книгите потоа се искористила за ѓубриво при садење дрво. Како што ќе каже Лин Козет, портпарол на школото, „Ова е гест на смирување со првите народи и гест за отвореност кон другите заедници во школото и нашето општество.“

Палењето и уништувањето книги во име на идеолошко прочистување и пуританска догма е грдо ехо на нацистичка Германија. Ако ништо друго, барем припаѓа на кошмарната научна фантастика од Фаренхајт 451 на Реј Бредбери. Тоа што ова се случува во современа Канада е потсетник дека освестеноста е навистина зол, пуритански култ. И како и класичниот пуританизам - култ што бара тотална послушност во име на правичноста.

-Патрик Вест, Спајкд

21 септември 2021 - 09:47