Значи имаме, Круела Де Вил (од филмот), вечниот гоу-ту лик за оваа тема - Миранда Присли, па дури и Алекс Форест од „Фатална привлечност“.
Преку овие ликови се создаде митот дека успешната жена, често шеф со стотици вработени под себе, често газдарица или глава на компанија, прво мора да биде ладна, строга, бесчувствителна, па и ненормална, второ ако е толку успешна, тогаш обавезно, ама најобавезно приватниот живот ѝ страда.
Овде се начнува и темата на митот „having it all“, или дали е можно истовремено да ти цвета кариерата, семејството и ти сама, ама главната поента е дека поп-културата каква што е до сега, формира едно јавно мислење дека успешните жени се змаеви (во не баш фина смисла) и дека за да успееш мораш да бидеш како нив.
Концептот на #GirlBoss звучи супер, и фино е претставен во книгата со истиот наслов на Софи Аморусо. Само што, во реалноста, книгата е еден вид празни муабети на „ти можеш“ и „ти си најјака“, без да се земат предвид сите проблеми, сопки и закачки што го следат секојдневието на една жена.
Кога на тоа го додадеш инсистирањето дека за успех мораш да се откажуваш и дека ако сакаш да уживаш во кариерата треба да избереш кој аспект од животот ќе ти страда, имаме проблем. А дополнителен проблем е тоа што ако не сакаш да се откажеш од некои работи, автоматски се осудуваш на еден замислен неуспех.