Околу големите очекувања

Фер ли е мега-успешните да тврдат дека „само треба да го следиш сонот“?

Писателот Џејсон Паргин, како и повеќето автори, работел други работи кога ја напишал книгата „Џон умира на крајот“, што подоцна стана култен филм и доби и продолжение што стана бестселер на Њујорк Тајмс.

Во видео на ТикТок сподели мислење околу големите очекувања што луѓето ги имаат денес за креативните професии како музика и книжевност, или поновите - креирање содржини на интернет. За ова користи изјави и од актерот Бо Бурнам и од јутјуберот Мистер Бист, кои и двајцата тврдат дека може нив им успеало, ама за секој еден како нив, илјадници потфрлаат од икс причини.

„Не слушајте луѓе што имале среќа како мене,“ вели Бурнам. „Тоа е како да слушате човек што добил на лото да ви каже баталете сè, инвестирајте ги сите пари во ливчиња и ќе ви успее. Како Тејлор Свифт да каже, следете ги соништата, ќе ви успее, а таа е една во милион.“

Мистер Бист од друга страна вели дека му е ужасно кога ќе види колку луѓе се откажуваат од работа и од школо, само за да го достигнат неговиот успех на заработка на милиони само од видеа на интернет.

Не се исплати, затоа што таа индустрија нема никаква безбедносна мрежа.

На ова, Паргин вели дека на прв поглед, звучи ужасно успешен човек од високо да им се обраќа на луѓето со „не пробувајте“, како да си се искачил по скалата, и после си ја бутнал да не може никој друг да се качи. А не е толку едноставно, затоа што сака да предупреди дека се работи за многу нефер индустрија полна со ајкули, каде што само најсреќните - ретко најдобрите - успеваат.

Паргин, кој раскажува како имал среќа да го забележат и да му понудат огромни пари за книга, вели дека кога ја пишувал не мислел дека е подобар од Херман Мелвил на „Моби Дик“, а сепак, Мелвил цел живот работел секакви работи и паралелно пишувал, затоа што не можел да се издржува само од пишување, а заслужената популарност ја добил после смртта.

И пораката е, не е дека треба да се откажете од креативноста, соништата кои произлегуваат од неа и желбата да го работите тоа во кое уживате.

Ама аман, не останувајте без резерва додека ги бркате тие соништа.

19 март 2024 - 12:41