Од тестостеронот зависи како мажите ќе реагираат на неправда кон жени

Ново истражување покажува дека нивоата на хормоните во машкиот организам влијаат на тоа дали мажот ќе реагира и ќе казни човек што нанесува неправда на жена. И изгледот на жената игра улога.

Социолозите и биолозите долго дебатираат зошто луѓето бираат да казнат некој што прекршува правила, а притоа прекршувањето да не ги повредува нив.  Ова однесување е познато како алтруистичка казна или казнување од трета страна и подразбира набљудувач да прифати лично да се заложи за да казни некој што постапил неправедно кон непознато лице.

Еволутивните психолози сметаат дека ваквите постапки може да служат како социјален сигнал - начин на кој поединецот ја покажува својата правичност, статус или способност да спроведува норми. Претходни истражувања покажале дека мажите често се однесуваат поалтруистички кога се во присуство на привлечни жени, што укажува дека мотивите поврзани со инстинктот за парење можат да го поттикнат ова однесување. Сепак, биолошката улога на тестостеронот во овој процес досега не била доволно јасна.

Истражувачки тим од Универзитетот во Хангжу спровел експеримент со 85 здрави, хетеросексуални машки студенти. Секој учесник, во две одделни сесии, примил тестостеронски гел или плацебо. По неколку часа, учествувале во експериментална игра во која набљудувале како друг маж распределува пари меѓу себе и една жена, а потоа одлучувале дали ќе го казнат за неправедна поделба.

Клучен елемент во дизајнот бил изгледот на жената-примач. Учесниците гледале фотографии од жени со висока или ниска привлечност, додека поделбата варирала од многу неправедна до целосно фер.

Во услови со плацебо, мажите почесто и поинтензивно казнувале неправда кога жената била привлечна, меѓутоа, тестостеронот ја изменил оваа слика. Хормонот ја зголемил општата перцепција на привлечност и подготвеноста за интерес кон жените, без разлика на нивниот изглед.

Најзначајниот ефект се појавил кај помалку привлечните жени. Во овие случаи, мажите под влијание на тестостерон значително почесто ја казнувале неправдата отколку кога биле под плацебо. Сепак, тестостеронот не влијаел врз интензитетот на казнувањето - мажите не трошеле повеќе ресурси, туку само почесто реагирале.

Во превод: Повеќе тестостерон - пофер кон сите жени? 

Камо да беше така едноставно.

Заклучокот, барем од ова истражување, е дека кога жената е привлечна, многу мажи и без дополнителен хормонски поттик веќе се подготвени да се стават во нејзина одбрана. Во тие ситуации, тестостеронот не менува многу, бидејќи реакцијата веќе е на максимум. Но кога таа визуелна мотивација е слаба или отсутна, тестостеронот прави разлика: мажите почесто реагираат и казнуваат неправда, дури и кога жената не им е особено привлечна.

Со други зборови, тестостеронот ја одржува подготвеноста за заштита на правдата дури и кога нема очигледна лична или романтична добивка. Ги поттикнува мажите да покажат статус, принципи и контрола, но на пресметан начин - без непотребно жртвување ресурси.

Истражувањето ни укажува дека однесувањата кои често ги сметаме за чисто морални се всушност мешавина од вредности, социјални сигнали и биолошки механизми. Или, правдата, во реалниот живот, не се брани само со разум - туку и со хормони.

23 декември 2025 - 10:09