Од фотографија се гледа во која декада Барби се тепала со Братз

Појаснување на насловот: На фотографиите е кукла Барби низ неколку децении - во првите личи на себе, во 2010 е згодна и нашминкана, затоа што се појавува згодна и нашминкана конкуренција, а денес е... Ај ќе поќутиме.

Во 2000, Барби беше најпопуларната кукла во светот - до тогаш веќе 41 година на пазарот, без конкуренција, освен ако не ви текне на Билд Лили, куклата на која што е базирана. Кога производителот на Билд Лили ги тужел Мател, се спогодиле вонсудски и ги откупиле правата во 1964.

Е сега, на сцена стапува Картер Брајант, кој работел за Мател како дизајнер на облека за Барбики. Во 2000, добил идеја за подрска и етнички поинклузивна линија кукли. Идејата за Братз кукли ја продал на конкуренцијата на Мател - МГА Ентертејнмент, две недели пред даде отказ во Мател.

Кога ги пуштија Братз во продажба во 2001, станаа многу популарни и почнаа да заземаат сè поголеми делови од пазарот за кукли. Мател тужеше во 2004, со тврдење дека Брајант бил вработен во Мател кога ја смислил идејата, додека тој тврдеше дека бил седум месеци на одмор од Мател.

Ова започна повеќегодишна правна битка, каде што Мател го добива првиот случај (и 100 милиони долари), а МГА го добива вториот (и 85 милиони долари). Даваат по 100 милиони за судски трошоци, па се поставува прашањето дали воопшто вредела тепачката.

12 јануари 2026 - 00:00