
Сите сме виделе по некој ваков. Некои може ќе забележат дека и самите имале вакви изјави. Ова однесување е познато како humblebragging - да се пофалиш под маска на скромност. И според психолозите, тоа е еден од најнеефикасните начини да оставиме добар впечаток.
Терминот го популаризирал американскиот комичар и сценарист Харис Вителс, опишувајќи го како посебен вид фалење што ти овозможува да истакнеш достигнувања, без отворено да признаеш дека се фалиш. Во основата најчесто стои навидум самокритична забелешка или поплака, преку која всушност се соопштува нешто позитивно за себе.
На пример се жалиш дека си морал да купиш плав џип, затоа што немало црвен, и божем незадоволен си, стварно нема смисла, а уствари сè што соговорникот слуша е дека имаш нов џип, што ти е и целта, затоа што си социјално неурамнотежен. Проблемот е што соговорниците обично ја препознаваат намерата. Најчесто и не можат да те поднесат, и ова си има психолшка подлога, како што кажува и психотерапевтката Мариса Изагире-Кели, основачка на центарот Peace of Mind Evaluation and Consulting Services. Луѓето го забележуваат фалењето скриено зад поплаката, а обидот да се прикрие успехот остава впечаток на неискреност. И како што кажува, парафразирано, поарно пофали се како човек и искрено радувај се за себе, наместо да бараш начин да се пофалиш без да се фалиш.
Но, зошто воопшто чувствуваме потреба да ги прикриваме своите успеси?
Маријана Плата, клинички психолог, во текст за Psychology Today, посочува една интересна причина: срам. Од мали нозе учиме дека отвореното фалење е непристојно, дека скромноста е доблест и дека премногу гордост може да предизвика неодобрување. Затоа понекогаш се обидуваме истовремено да го споделиме успехот и да оставиме впечаток дека не му придаваме особено значење.
Тука се појавува и разликата меѓу фалењето и искреното прославување на сопствените достигнувања. Да кажете дека сте добиле унапредување за кое долго сте работеле или дека сте горди на нешто што сте создале, само по себе не претставува ароганција. Начинот на кој го споделувате тоа, како и вниманието кон чувствата на другите, имаат многу поголемо значење. Британската авторка Флоренс Гивен, позната по своите ставови за самодовербата и општествените очекувања од жените, исто така ја критикува навиката сопствените амбиции и успеси постојано да се намалуваат за да не предизвикаат негативен впечаток. Особено жените, според неа, често се воспитувани да бидат внимателни со начинот на кој ја покажуваат својата гордост.
Сепак, автентичната самодоверба не бара постојано одобрување од околината. Изагире-Кели препорачува едноставен пристап: успехот да се сподели јасно и без извинување, особено со луѓето меѓу кои се чувствуваме сигурно. Истовремено, важно е самодовербата да се гради и преку личното чувство на исполнетост, независно од реакциите на другите.
На крај, ако сте постигнале нешто што ве прави среќни, сосема е во ред да си кажете. Нема потреба добрата вест да ја претворате во кукање само за да звучите поскромно. И ако се запрашате „зошто треба да звучам скромно“ ќе видите дека нема нормален и задоволителен одговор.
Или си кажуваш, или не, толку е.