Невестата што не сакаше фотошоп

И не само што не сакала, туку е лута и навредена што фотографката на една слика ја ослабнала 15 кила.

Прво, новото во светот на свадбената индустрија (да, индустрија е) е што освен слики за свадба, сега можеш да имаш и слики за веридба. Не тие од седењето на маса со сватовите и давањето збор, тие сами си ги правите. Овде се работи за цела една дешавка, што исто така бара средување, шминкање и одење до чудни полиња и шуми за да се направат фотографии на кои треба да изгледа дека ти и вереникот секој ден така си шетате во природа, а баш така случајно, ете излегува секогаш саат претходно да сте биле на фризер. Не дека мора природа, ама ете, многу почесто паровите се фаќаат за позирање во сред 5 години неискосена трева отколку во урбана средина.

Како и да е, една идна невеста, Кејти Липолд решила на Фејсбук да побара фотограф за свадбата и нашла една Линда Силвестри со која се договориле да фотографира за 600 долари. Пакетот вклучувал и претходна фото-сесија во едно неофицијално издание, односно, engagement shoot.

Или, како што ќе каже изворот, плус бесплатно понижување.

Кога ги добиле сликите, забележале дека нешто фали. Поточно 30-тина кила - фалат.

„На една слика нè направила послаби во Фотошоп. Веројатно ни симнала по 15 кила. Тоа воопшто не го побаравме и навистина ме повреди што излегува дека моите фотографии не биле доволно добри сами по себе.”

Фотографката одговара дека може да се откаже договорот. Плус, остава долг, лут статус на Фејсбук што дополнително ја повредува невестата.

„И луѓето прашуваат зошто не работам веќе толку фотографија,” почнува Силвестри, „минатата недела имав фото-сесија со морбидно гојазен пар. Од старт знаев дека ќе бидат досадни.”

Објаснува како инсистирале да се сликаат со нивните 4 големи кучиња (што е слатко), ама покрај езеро, со патки (овде веќе ти текнува дека може баш и не е корисно да се организира фото-сесија со кучиња на исто место со патки), инсистирале да се сликаат со колата, свртена кон сонце, за што биле предупредени, за на крај да речат „па мижиме на сликава со колата” и слично.

Завршува со, „многу е тешко да направиш љубовни фотографии спремни за Пинтерест, кога луѓето не можат ни главите да си ги спојат.”

Силвестри и ги вратила парите на Липолд, но го задржала депозитот од 150 долари заради двата часа поминати во сликање.

Има тука уште еден начин да се реши оваа приказна во старт, без некој да паѓа во трансови. Ти ги праќа фотошопирани, ти ѝ ги враќаш и викаш „дај ми од оригиналите, овие не ми требаат.” После ја оговараш малку, нешто „како не ѝ е срам”, ако толку си навреден и толку. Чисто како варијанта.

22 јануари 2018 - 10:01