Нели расисти?

Секоја година, кралицата Елизабета и Британскиот моден совет ја доделуваат посакуваната „Елизабета II награда за дизајн“ со која се признава талентот на индивидуа на почетокот на својата кариера во категорија женска и машка гардероба и додатоци. Оваа година ја доби Прија Алувалија.

Признанието прв пат му било доделено во 2018 на Ричард Квин, а се дава на „дизајнер што демонстрира вредност во поширокото друштво“, без разлика дали е преку партнерство, добротворни цели, промовирање одржливи политики или користење на платформата за дискусија за социјална неправда.

Прија Алувалија, родена во јужен Лондон, наградата ја доби виртуелно, а ѝ ја додели грофицата од Весекс. Ако ги погледнеме споменатите критериуми, не е ни некое изненадување - 28-годишната дизајнерка има дипломирано на универзитетот во Вестминстер и за кратко време станува еден од највозбудливите дизајнери во Велика Британија.

Има шест сезонски колекции зад себе и брендот што го носи нејзиното име главно вади спортска облека, а обрнува внимание на проблемите со кои се соочува црната заедница. На пример, колекцијата пролет/лето 2021 со наслов Liberation, реагира на БЛМ движењето и Алувалија работела со Денис Мекинс, со кој заедно креирале принтови инспирирани од архивски постери од протестите во Нигерија во ’60-те.

И другите колекции ѝ се во таков дух, а истовремено е една од еколошки најосвестените дизајнери на Лондонската модна недела.

„Одржливоста ми е имплементирана во ДНК-то на брендот од самиот старт. Користиме ласери наместо избелување со хемикалии. Користиме органски материјали и тоа рециклирани. Главната цел ми е да создавам облека без да предизвикувам непотребна штета,“ изјави за GQ.

Керолајн Раш, извршен директор на Британскиот моден совет за Алувалија:

„Нејзиниот уникатен и етички процес на дизајн, во комбинација со нејзината способност и пасија за враќање на заедниците низ Лондон и целата планета ја прават инспирација за многу млади британски дизајнери. Горди сме што можеме да ја препознаеме Прија и се радуваме што сме сведоци на развојот на нејзиниот бизнис.“

За тие што ќе се фатат за насловот и ПР-санирањето на круната, наградата ѝ ја доделија во февруари, интервјуто на Хари и Меган кај Опра беше во март.

16 април 2021 - 14:09