Некои луѓе имаат проблем со бременоста на Сиена Милер

Очекувано - двојните стандарди за нејзината возраст и врската со голема разлика во години се пуштени на најјако.

Актерката и модна икона Сиена Милер  на 41 година го очекува своето второ дете, со колегата Оли Грин и имаше изјава за осуда на двојните стандарди со кои се соочува во последно време. Под а) дека се осмелила да раѓа на „таа возраст“, а под б) дека таткото е 14 години помлад од неа.

Е па, сега, да раѓаме, или да не раѓаме, одлучете се?

Неодамна Роберт де Ниро стана татко по седми пат, на 79 години, нешто се нашалија, ама главно беше „браво мајсторе“. Немаше осуда или ругање, како што вели Милер дека начекува за себе.

„На луѓето им е удобно да живеат на начин што постоел многу години, а е мизогин и патријархален. Тоа што јас сум постарата во врската, или што сум бремена над 40, тоа е ‘неодговорно‘ или ‘кутро дете‘ - тоа се такви двојни стандарди и луѓето не ни размислуваат два пати пред да кажат нешто.“

Дел од таа осуда доаѓа од митот дека не можеш да родиш после 35. Се верува дека да забремениш после 35 е едвај можно, или невозможно, или треба да се избегнува по секоја цена, или бебето ќе излезе со крлушки, пердуви и три глави. Реалноста е дека без разлика што шансите за проблеми се зголемуваат со возраста, сѐ уште е можно да се има здрава бременост и здраво бебе после 35. И ова се случува почесто од кога и да е, а ризикот за генетски абнормалности може да се зголеми и со возраста на таткото.

А колку често слушаме за тоа?

Биологијата настрана - Милер е буквално трудна во моментов и бебето е таму внатре. Готова е работата - затоа е чудно што луѓето уште се замараат по тастатури со коментари од типот „себична една, детето ќе ти биде дефектно“. А таа енергија може да се канализира во едно „Честито!“.

Милер исто така изјави дека е принудена да прави шеги на сопствена сметка, во обид да ги пресретне другите. И вели дека многу би сакала да дојде до момент, каде што не чувствува потреба да каже виц на тема „постара и трудна“, за да покаже дека учествува во вицот.

И реално, зошто здрава жена во среќна и стабилна врска да мора „да се шали“ за на другите да им биде удобно? Затоа што не можат да поднесат дека си го живее животот „нетрадиционално“?

Наместо да ги караме жените што стануваат мајки после 35, или ги превртуваат „правилата“ за врска, зошто едноставно да не пробаме да не бидеме сељаци? Можеме да ги поздравиме, или барем да поќутиме, затоа што, ако ништо друго, го изодуваат патот за луѓето што сè уште го чекаат вистинскиот партнер, или чекаат да бидат финансиски, емотивно или ментално спремни да имаат дете.

А тоа не се „закажува“.

-Џенифер Савин, Космополитен

18 декември 2023 - 11:51