Серотонинот знае да ни избега на сите, но ако ни фали, излегува дека можеме да го најдеме - на интернет. Буквално. Преку смешни видеа, интересни статии и мотивациони цитати.
Причината за ова е што, за разлика од останатите сигнализирачки молекули познати како невротрансмитери, серотонинот поголемиот дел од популацијата божем го разбира. Ако ништо друго, знаеме дека е „хемикалијата за среќа“ - стабилизира емоции, влијае на чувства и може да се качи со антидепресиви.
Е, не може да се качи со антидепресиви.
Објаснивме тука дека после години и години клукање на пациентите со апчиња, научниците признаа дека ниските нивоа на серотонин не се поврзани со состојбата на депресија.
Она што не го знаевме е дека знаеле за ова и тоа цело време.
За многу експерти кои ги читаат новите извештаи, „се известувало за нешто што веќе се знае“, и веќе се расфрлаат со опаски дека нивните колеги упорно рециклираат веќе завршена работа.
Излегува дека баш како што ние сме почнале да пофаќаме што е серотонин, научната фела веќе ја отфрлала теоријата за хемискиот баланс. Некои посочуваат и на фактот дека антидепресивот Тианептин не само што не ги покачувал нивоата на серотонинот, туку ги намалувал. На лабораториските глувци и стаорци веќе долго време им го спуштаат серотонинот без да им развијат депресија, а има и луѓе со измерен низок серотонин во крвта што воопшто не се депресивни.
И такви со висок серотонин што се.
Ова нè остава без некој конкретен одговор за депресијата. Теории има многу, но ниедна не е докажана конзистентно. Она што може да се заклучи е дека на депресијата не треба да се гледа како болест на мозокот, туку треба да ја гледаме како емотивна реакција на непријатни животни настани и услови.