Off Café колумна:

Не е разголеното девојче она што го прави светот опасен за живеење

Еднаш на Твитер имаше прашање што требаше да биде забавно за одговарање, а ја извади на површина една од попоразителните вистини за жените од вчера, денес, а ако не ни дојде памет - и утре.

Значи твитот:

Ако утре се разбудите и сте спротивен пол, што е првата работа што ќе ја направите?

Меѓу сите трчања до огледало, истражување на гениталии и фаќање себеси за цицки, една девојка имаше едноставен одговор:

Ќе ставам слушалки и ќе искочам да се прошетам во сред ноќ.

И тогаш ти светнува.

Оваа едноставна активност, шетање по маало, или парк, или празна, темна улица, без да мораш да внимаваш е ЛУКСУЗ за жени.

Ние не се шетаме со рацете во џеб.

Можеби не сме константно преплашени, барем не сите. Ама скраја да е да се враќаш дома во 3 сабајле по твоето мрачно маало и да чуеш чекори зад тебе. Одма отвараш во менталната фиока на споделени искуства на милион жени како тебе и почнуваш:

-телефонот во рака

-клучот на готовс во друга

-забрзување чекор

-итно планирање што сѐ друго на себе можеш да искористиш како оружје

-слично.

А сопственикот на чекорите зад тебе може едноставно, исто така - си оди дома. Без никаква желба да ти ја расцепи главата од разонода.

Ова што го раскажав нема врска ни со паничење, ни параноја, ни траума. Истиот момент кога човекот зад тебе ќе те одмине, ќе сврти лево и ќе го снема, ти излегуваш од таа накострешена форма и мирно си одиш накај дома.

Проблемот е што тој муд/мод на однесување, таа воена спремност која се должи на еден обичен човек што си оди дома во исто време со тебе, ни е длабоко всадена некаде во главата, затоа што, да се соочиме - нас од мали гласно нѐ учат дека, да, ние може да бидеме нападнати. Да, постојат луѓе што сакаат да ти наштетат, а ти не можеш да се одбраниш. Да, многу жени така настрадале и темни, мрачни улички не се за сама жена. Истовремено, никој никого не учи дека НЕ СМЕЕ ДА ПОСТОИ опцијата напаѓање кого и да е.

Улицата е моја, паркот преку улица е исто мој, како што е на сите други што живеат таму и не треба јас да бидам свесна дека се ставам во опасност ако се шетам.

Овде доаѓаме до новонастанатата (а сепак „ништо ново“) ситуација на Телеграм, Јавна соба и цел тој грозен случај. Нема овде да навлеземе во менталниот склоп на учесниците, креаторите и членовите таму. За тоа има полиција, вештачење, закон и сѐ поврзано.

Проблемот лежи во реакциите.

Што веројатно ги сретнавте.

„Кој ја терал да праќа?“

„На што личи тоа, млади девојчиња на Инстаграм сликани разголени?“

Има и добронамерни:

„Не се девојчињата криви, родителите ги обвинувам.“

„Да се запрашаат родителите што им прават ќерките на Интернет.“

Главно, јавното мислење е критички настроено кон женските, и кон родителите на женските. Ретко се фаќаат луѓето за тоа како им е светот претставен на машките. Затоа што, како што научивме од оној плакат за „учителката-ороспија“ и еден алармантен коментар што се рашири на Фејсбук - “ако она мавта со опашката, глуп ли е он да не искористи?”

Во основа, постојано, во една најужасна манифестација на тоа во каков свет живееме, народното мнение е “не е до него, нејзе кој ѝ е крив.”

Ако женет маж има афера со слободна жена, тој е тој што „ѝ греши“ на неговата сопруга, на која ѝ ветил верност, лојалност и поддршка, а не слободната жена што никогаш во животот ја нема видено.

Ако детето (машко или женско) споделува разголени фотографии од другарка или девојче што не го познава, не е ни девојчето криво, ни нејзините родители, туку тоа дете што споделува и неговите родители, затоа што не му објасниле дека тоа што го прави е недозволиво, криминално и одвратно.

Ако жената се шета или се слика облечена на одреден начин, тоа не значи дека имаш дозвола да се расфрлаш со мислења за нејзината сексуалност во однос на тебе.

Ова се работи што требаше до сега да ни бидат јасни, што требаше да не звучат како муабет во празно од што се повторени милион пати. Поразително е што треба да се повторуваат.

Поразително е што мирна прошетка во парк, после полноќ е луксуз за жени, дали ви е јасно? Особено кога ќе ти текне дека не е луксуз за другиот (еднаков) дел од популацијата, само затоа што се машки.

Сфаќате ли каде е проблемот?

Одгледуваме девојчиња што мораат да се чуваат, и машки што „не се криви, кога веќе ги провоцираат“.

А сите заедно се деца и стварно не се криви.

Еднаш засекогаш:

Споделување на фотографии со сексуална конотација од некого, без знаење на тој што е на фотографиите и против негова волја е КРИМИНАЛ.

Напаѓање жена затоа што на некој му се чини дека го провоцира со начинот на кој се однесува, или се облекува е КРИМИНАЛ.

Критиката, бесот, осудата насочете ја кон КРИМИНАЛОТ.

Не кон жртвата.

Жртвата е ЖРТВА. Со тоа што се вртите кон жртвата и дискутирате дали ЖРТВАТА провоцира да биде нападната на кој и да е начин, ГО ОПРАВДУВАТЕ криминалот.

Многу е просто.

Секое „Кој ѝ е крив“ ве прави соучесник на секој еден криминалец што придонесува кон небезбедно опкружување.

Сакате децата да ви растат во небезбедно опкружување? Не. Е, па?

Не е разголеното девојче она што го прави светот опасен за живеење.

Светот е опасен заради тој што го злоупотребува тоа и тие што ги напаѓаат неговите жртви, наместо него.

-Јана, Off Café

28 јануари 2020 - 15:06