„Пред неколку месеци, додека се мачев да издвојам време за пишување во моето исполнето секојдневие, една колешка ми предложи да прочитам книга за дневните ритуали на големите уметници. Но, наместо да добијам инспирација, како што се надевав, она што ми остави впечаток за овие креативни генијалци - повеќето мажи - не беше нивниот распоред и дневни рутини, туку распоредот на жените во нивниот живот.”
Вака, Бриџид Шулт, новинар со Пулицер, која пишува за Вашингтон Пост и Вашингтон Пост магазин, го почнува своето излагање околу една тема што може на сите ќе ни се види блиска.
Нивните жени ги штителе од прекинување - слугинките и помошничките им носеле појадок и кафе во чудни саати; дадилките ги чувале децата да не им пречат. Марта Фројд не само што му спремала алишта од сабајле на Сигмунд Фројд, му ставала и паста на четката. Помошничката на Марсел Пруст, Селест, не само што му носела кафе, кроасани, пошта и весници на сребрен послужавник, туку му била и достапна кога и да му се правело муабет, понекогаш и со часови. Некои жени се спомнати само заради тоа што морале да го трпат, како жена му на Карл Маркс, во книгата неименувана, која ја се грижела за трите нивни преживеани деца од шест, додека тој пишувал во Британскиот музеј.
Густав Малер се оженил со просперитетна млада композиторка со име Алма, па ѝ забранил да компонира, велејќи дека само еден смее да има во семејството. Наместо компонирање, од нејзе се очекувало да ја држи куќата во тотална тишина. Откако ќе попливал малку на пладне, ќе ѝ свирнел на Алма да му се придружи во долги, неми прошетки додека тој компонирал во глава. Таа со часови ќе седела на гранка или во трева, без да се осмели да го прекине. „Каква борба се води во мене!” пишува Алма во нејзиниот дневник. „И мизерен копнеж за некој што мисли НА МЕНЕ, кој ми помага ЈАС да се најдам СЕБЕСИ! Потонав на ниво на куќна помошничка!”
За разлика од мажите-уметници, кои низ животот се движеле како слободното време да им е право од раѓање, деновите и животните траектории на малкуте женски уметници во книгата често биле ограничени од очекувањата и обврските дома. Жорж Санд секогаш работела доцна навечер, а почнала кога била тинејџерка и морала да се грижи за баба ѝ. Кога почнувала, на Франсин Проз денот за пишување ѝ бил дефиниран со одењето и враќањето на школскиот автобус на нејзините деца. Алис Мунро пишувала во тие кратки „исечоци” од времето што го наоѓала додека работела низ дома и чувала деца. Маја Анжелу бегала од дома, се чекирала во хотел и размислувала, читала и пишувала.
Дури и Ентони Тролоп кој пишувал по 2000 зборови пред 8 сабајле секој ден, навиката најверојатно ја собрал од мајка му, која почнала да пишува на 53-годишна возраст за да го издржува болниот сопруг и нивните шест деца. Станувала во четири, и на време завршувала за да направи и појадок за семејството.
„Размислувам за сите книги, слики, музика, научни откритија и филозофии што сум ги учела во школо - речиси сите се од мажи,” заклучува Шулт. „Диригентот Зубин Мехта еднаш рекол, „едноставно, не мислам дека во оркестар треба да има жени,” како да немаат ни темперамент, ни талент. Размислувам за едно интервју на Пати Скиалфа каде што кажа колку ѝ е тешко да пишува музика за нејзиниот соло албум затоа што децата постојано ја прекинувале и барале внимание, какво што никогаш не барале од татко им, Брус Спрингстин. И ми текнува: не е дека жените немаат талент да влијаат на светот на идеи и уметности.
Немаат време.”
Времето на жените и историски гледано е прекинувано и фрагментирано, ритамот на нивниот ден го одредуваат сизифовските домашни обврски, грижата за децата и семејството. Ако она што е потребно за креативност е долги периоди на непрекинато, концентрирано време само за себе, време со кое ќе правиш што сакаш, време што можеш да го контролираш, тогаш тоа е нешто што жените никогаш немале луксуз да го очекуваат, барем не без да ги угњават дека се себични.
Дури и во денешно време, насекаде низ светот, со толку многу вработени жени, жените поминуваат двојно повеќе време работејќи по дома и со децата, понекогаш и повеќе од тоа. Едно истражување направено со 32 семејства во Лос Анџелес, открива дека непрекинатото слободно време кај повеќето мајки траело во просек не повеќе од 10 минути. А во мапирањето на секојдневниот живот на академици, социологот Џоја Мисра и нејзините колеги откриле дека работниот ден на професорките е многу подолг отколку на професорите, откако ќе ја внесеш како фактор и неплатената работа дома. Таа открила дека мажите и жените што ги истражувала поминуваат исто време на работа. Но, дури и на работа, времето на жените е прекинувано и фрагментирано, пресечено со менторство и предавање. Мажите повеќе време на работа поминувале во непрекинато време за размислување, истражување, пишување, креирање и објавување за да напредуваат во кариерата и да ги прикажат идеите пред светот.
Чистото слободно време, наоѓање време само за себе не е ништо помалку од храбар акт на радикален и субверзивен отпор, според некои феминистички истражувачи. Еден од нив се шегува дека полесно би било ако, како и писателката, композиторка, филозоф и мистик Хилдегард од Бинген - станеш калуѓерка.
Истите откриваат и дека многу жени сметаат дека не заслужуваат долги периоди на слободно време за себе како мажите што заслужуваат. Мислат дека мораат да го заработат тоа. И единствен начин да се постигне тоа е да се стигне до крајот на еден бескраен список на обврски.
Ме обзема едно такво чувство на загуба кога мислам на големите ненапишани поеми кои чекаа на клупа додека да избришам под. И долго време, очекувањето да се подмират прво другите, а подовите да бидат исполирани и дека таа е таа што треба да ги оддржува така, ги држело сите тие нераскажани приказни во нејзе, компресирани, како што ќе каже Маја Анжелу, до степен на болка. Но, јас се прашувам дали жените сметаат дека не заслужуваат да ги раскажат своите приказни, дека женското пишување е премногу сентиментално, нивниот поглед на светот толку тесен - затоа што, знаете, животот на мажите е дифолт за човечкото искуство. И често се прашувам: дали жена која напишала внимателен и детален роман во шест тома, базиран на нејзиниот живот го добива истото внимание и интернационална слава како норвешкиот писател Карл Ове Кнаусгард, авторот на Мојата битка?
Вирџинја Вулф еднаш има замислувано што ќе станеше од Шекспир да се родеше како жена, или ако имаше еднакво надарена сестра. Помислете на музичкото чудо од дете Нанерл Моцарт, за чии рани композиции нејзиниот брат Волфганг велел дека се прекрасни, но се изгубени или никогаш ненапишани, додека таа исчезнувала во еден испланиран брак без љубов.)
Женскиот Шекспир, Вулф, ќе напише дека никогаш не би имала ни време ни способност да го развие својот гениј ако не одела во школо, ако морала да пази на ручек, да се омажи млада и да ја јаде ќотек ако не се омажи. Во замислата на Вулф, сестра му на Шекспир, иако талентирана, завршува луда, мртва или затворена во некоја шумска колиба и исмевана како вештерка.
Но, тоа е не е крај на приказната. Вулф замислува дека во иднината, ќе се роди генијална жена. Нејзиното процветување - и очекувањето дека нејзиниот глас, нејзината визија вреди - ќе зависи сосема од светот што ќе одлучиме да го креираме. „Таа ќе дојде ако ние завршиме работа,” пишува Вулф.
„Јас не тврдам дека сум некаков гениј,” завршува Шулт. „Но, понекогаш, сонувам дека седам во мрачна соба, на кујнска маса наспроти друга верзија од мене, која седи, неврзана со време и тивко пие чај. 'Би сакала почесто да ме посетуваш,' ми вели таа. И се прашувам дали тој жежок печат, таа болка што ја чувствувам во сред ноќ што се спушта околу мене како страв и исчекување не е само затоа што имам толку малку нескршено време да си ги кажам сопствените некажани приказни, туку е затоа што се плашам дека сè уште се некажани затоа што не се вредни за внимание. Можеби токму тоа е она со кое не сакам да се соочам во таа мрачната соба за која сонувам.
Истовремено се прашувам. Што ако навистина работиме на создавање на свет каде што сестрите на Шекспир и Моцарт, или било која друга жена би можела да цвета? Што би се случило ако решиме дека жените заслужуваат да одат во своите мрачни соби и да останат и да си поседат на таа кујнска маса? Што ако сите решиме почесто да пиеме чај со самите себе и да ги чуеме сопствените приказни како се одмотуваат, свесни дека се вредни само затоа што се вистински? Многу би сакала да дознаам што доаѓа после тоа.”