Надежта последна умира, дури и кога нема врска со тебе

…Има врска со двајца популарни, богати луѓе што не ги познаваш, ама некако ти се при срце. Да, сега светот е опседнат со кога Бред Пит и Џенифер Анистон си честитаа САГ награда.

Како никогаш да не раскинале.

Во право е Гардијан. Никој нема да памети кој добил награда на Скрин Акторс Гилд наградите во 2020-та, особено не после 10-20 години. Ама сите ќе паметат како Бред Пит и Џенифер Анистон се држат за раце.

Изгледаат воодушевени што се гледаат. Без разлика што се во некој ходник полн луѓе, личи како да се сами во просторијата.

Ако се погледне во контекст со една друга фотографија, каде што Пит ја гледа Анистон на монитор како ја прима наградата, станува неподносливо романтично.

Барем такво е чувството што владее кај светот што ги преживеа сите „Сирота Џен” насловни страни откако „Анџелина го украде, вештица”.

И не е прв пат да се грижиме за Џенифер Анистон до степен на штета - во текстот „Ја изневеривме Џенифер Анистон”, убаво си пишува какви штетни душебрижници сме, додека жената се обидува да не замоли да не бидеме такви глуперди.

Комично е како се соживуваме со ствари што немат врска со нас, ама, кога ќе земеш предвид дека луѓето знаат толку да се опседнат со јавни личности што успеваат и животот да им го загорчат, вакво благо воодушевување од помислата „што би било кога би било” ич не е страшно.

Види како ја држи за рака.

Шармантно е што и двајцата добија награда. Бред Пит за „Си беше еднаш во Холивуд”, а Анистон за „Морнинг Шоу”. Во моментот кога е направена фотографијата, еднакви се во секој поглед.

Стјуарт Херитиџ од Гардијан вели,

„Којзнае каков ќе беше животот ако не се разделеа. Ќе бевме поштедени од милионите таблоидни наслови за нејзе, тоа сигурно, но можеби влијанието на нивната среќа ќе се раширеше. Можеби расположението во Америка никогаш немаше да стигне до тоа Трамп да биде избран. Можеби Брегзит немаше да се случи. Можеби во тој универзум, Боуви е уште жив. Никогаш нема да дознаеме.”

И во еден микс од надеж и сарказам додава:

„Останува прашањето дали сега ќе ја искористат фотографијата и повторно ќе се земат. Да клекне на колена кога ќе добие Оскар и да и рече „Извини, глуп бев,” па да му се стрча, уплакана, па да се бакнат, па да направат бебе, па да го родат на сцена тука и Американците (а и светот) колективно да доживеат катарза.”

Од другата страна се нормалните (и бесчувствителните) луѓе. Таквите на сликата гледаат двајца победници како си честитаат награда.

20 јануари 2020 - 13:49