Јасно е дека апликациите собираат податоци, но дебатите почнуваат кога ќе дојдеме до тоа колку точно информации е фер да приберат. Е па, ТикТок призна дека си чува малку повеќе отколку што се мислело.
Последното ажурирање на Политиката за приватност на оваа социјална мрежа вели дека апликацијата „може да собира биометриски идентификатори и биометриски информации“, што вклучуваат „отпечатоци од лице и глас“. Како и многу апликации, ТикТок веќе има многу податоци за своите корисници, вклучувајќи и локација, пораки што се праќаат во апликацијата, фајловите на телефоните и шемите на куцање на тастатура меѓу другото. Ова е сепак прв пат, официјално да признаат дека собираат биометриски податоци.
Објавата продолжува:
„Може да собираме информации за сликите и аудиото кои се дел од вашата корисничка содржина… за да овозможиме специјални видео ефекти, за контролирање на содржини, за демографска класификација, за препораки за содржини и реклами и за други нелични идентификациски операции.“
Ќе бараат и дозвола за ова „каде што е тоа задолжително по закон“, во превод: ако мораат, но само неколку американски држави имаат закони за биометриска приватност, на пример.
Биометриските податоци инаку се користат за сѐ од верификување идентитет до набљудување и веројатно сите ги имаме во телефон. На пример, ако го отворате телефонот со идентификација на лице или купувате со отпечаток од прст, секако ги споделувате овие податоци.
Сѐ уште не се знае зошто ова му треба на ТикТок, или што сака да каже со термините faceprints и voiceprints.
Портпарол на компанијата кажа,
„Како дел од нашата постојана посветеност кон транспарентноста, ја ажуриравме нашата Политика за приватност за да појасниме какви информации собираме.“
Па, добро, фала.
После Бил Гејтс ни е крив.