На моден план во 2020 нè чекаат - мишки.

Стави го тоа во комбинација со трендот за славење влакна и имаш естетски неподнослива 2020.

Тешко дека некој дел од телото е толку суптилен, а истовремено толку политички како женските пазуви. Знаат да испровоцираат масовен аутрејџ, а претставуваат и симбол на феминистичкото движење со децении.

Сепак, модата не се промафтала со нив уште од Мезон Марџела и Жан Пол Готје во ’90-ти. Очигледно некој решил дека е време тоа да се смени.

Уште од почетокот на претходниот век, женските пазуви се под контрола кога се работи за телесни влакна. Фустаните без ракави стануваат сè попопуларни, па рекламите ги воведуваат мазните пазуви како „потреба”. После тоа имаш протести, феминистички движења, дури и фарбање влакна под мишка, што оваа тематика ја доведува до социјална дискусија.

Дупки на облека токму кај пазувите видовме во „Реквием за еден сон” во 2001-ва, па 15 години подоцна и на Џенифер Лоренс во „Игри на гладта”, па во 2017-та на јакната на Рејчел Коми, и така повеќе му доаѓа како инцидент отколку како тренд.

Оваа година изгледа трендот доаѓа на голема врата, со жени-дизајнери и нивните екперименти во разголувања на делови од телото со помош на оживување на трендови од ’90-ти и рани 2000-ти. Проенза Шулер ја покажа нејзината идеја уште од февруари, а Хејли Бибер (се кладеше ли некој до кога ќе биде Бибер?) се облече во нешто со овој концепт на еден нов дизајнер што допрва ќе го гледаме - Мовалола.

Се оди до таму, да има и кованица armpit-chic (мишка-шик? Колку ли погрешни толкувања ќе начекаме локално?), а Ај-ди Вајс вели,

„Овој неочекуван нов тренд е токму таа енергија што ни треба во 2020. Како што влегуваме во сериозна ера која ќе биде означена од климатски промени и вештачка интелигенција, голи мишки се трибјут на фактот што повеќе немаме време да ги мислиме пазувите. Правилата се сменети; го прифаќаме непознатото и бараме уживање каде и да треба. Ослободете ги мишките.”

Толку многу филозофија за голи мишки никој не очекуваше.

20 декември 2019 - 11:56