Вака Рејчел Боуви го почнува своето излагање за магазинот PureWow. Неделава е 8 Март - пригодна недела за одучување од штетни навики.
„Со децении, мојата тенденција да се извинувам повеќе отколку што е потребно стана рефлекс. Често го кажувам тоа автоматски, посегнувајќи по зборот извини во ситуации кои се далеку надвор од мојата контрола. Си се удрил во мене на улица? Јас прва ќе се извинам. Ти презентирам спротивно - но конструктивно - мислење? Да, прво ќе кажам извини. Сум се извинувала и што ме нема во групна порака затоа што сум имала стомачен вирус. Знам што ќе кажете: Не бива така.
Сепак, сите знаеме дека истражувања имаат покажано дека жените, како група имаат тенденција да претераат со извинување. Често тоа е борба против нашиот перфекционизам, или го користиме тоа како противтежа на вината. Или претерано се трудиме да се допаднеме некому.
Во мојот случај, ми требаше едно неочекувано искуство, за да ја забележам мојата лоша навика: Почнав да играм тенис.
Приказната: Секој четврток последниве неколку години го поминував во еден прекрасен тениски клуб во Бруклин. Во 2018, пријателка прати мејл на група жени што нè знаеше од соседството, со предлог да пробаме таков неделен час. Јас, така неспортски тип, бев отворена за нови искуства, па реков да. Никој не беше поизненаден од мене што толку долго издржав. (И уживам? За тие што не играат, тенис е навистина доживотен спорт.)
Но, да се вратиме на извинувањето. Една вечер на теренот, пропуштив додавање - удрив во мрежа. Пропуштив и форхенд. Неколку минути подоцна, удрив право во гредите. Секој пат, веројатно можете да погодите што извикував на групата паметни и успешни жени со кои што играв.
ИЗВИНЕТЕ!
Тогаш една од нив се сврте кон мене и во полушега кажа нешто што беше многу интересно и длабоко: Нема извини во тенис. Молам? На глас се извинив? Изгледа да. Се борев со нагонот да се извинам што реков извини и пробав пак. Уште еднаш промашив. Изви- и се пресеков.
Ама, тоа е работата. Во тенис се случува да промашиш. А во обид да ја продолжам играта, чувствував потреба да кажам нешто, дури и кога не сакав.
И што направив? Некое време ги стегав усните, правев чудни фаци, фрлав по некој самокритичен момент (што исто не е идеално) од типот: Ништо не можам да погодам денес, или Ми се лизгаат рацете! Но, во наредните неколку недели го избегнував зборот извини како чума и на крај ми успеа. Престанав да го кажувам, а и да го чувствувам и почнав да пристапувам на секој удар како можност за успех. Повеќе од сè друго, најголем предизвик беше да научам да живеам со непријатноста на моменталната тишина. Пропуштен удар, кратка пауза, ресетирање пред следното сервирање. Тоа ми стана рутина.
Сега секоја од нас шест внимава на другите. Секоја знае да се фати за зборот (Извини!), а другите суптилно и со љубов ја потсетуваат да прекине.
Дали ова значи дека треба да почнете да играте тенис? Ако сакате. Но, вежбање пауза и дозволување неудобни тишини може да го постигне истиот резултат.“