Има експлозија на објави на тема стоицизам на ТикТок, за одлучно живеење со самоконтрола. Филозофијата на Марко Аврелиј се преведува во лесно соџвакливи мемиња на ТикТок, од типот „Не е важно тоа што ни се случува, туку како реагираме на него.“ Кога на ова ќе се додадат и миленијалските бестселери како The Obstacle Is the Way: The Timeless Art of Turning Trials into Triumph, добиваш наезда на содржини фокусирани на одлучност, наместо досегашното кенкање. Нели, ако си мрзлив, сигурно нема да лајкнеш пост што советува „Да ги гледаш луѓето како можности за вежбање самодисциплина во нефер ситуации.“
Стоицизмот се дефинира како „античка грчка филозофска школа што Зенон ја основа во Атина. Учи дека доблеста, како највисоко добро, се базира на знаење; мудрите живеат во хармонија со божествениот Разум (што се нарекува и Судбина или Промисла), кој владее со природата и се индиферентни кон богатствата, задоволствата и болката.“
Денес стоицизмот е обновен - за разлика од религијата со втемелени правила, стоицизмот се надоградува, нема лидер, никој не го чува и различни групи на луѓе можат да се поистоветат со него.
Некои од базичните верувања:
- Не е до работите што нè вознемируваат, туку како расудуваме за нив.
- Негативните чувства како страв, лутина и љубомора треба да се избегнуваат затоа што се базираат на лошо расудување, непријатни се за искусување и можат да доведат до лоши дејства. Бесот е привремено лудило.
- Ништо не е вродено добро; иако бираме да имаме пари, здравје, статус и други фини состојби и искуства наместо да ги немаме, ништо од ова не е суштинско и можно е да се живее добар живот и без нив.
- Живеј конзистентно со природата, прифати дека нашето преживување зависи од добросостојбата на природата. Биди бистар и рационален, но истовремено и несебичен и социјален, како и еколошки и глобален во однос на погледот на работите. Вреднувај го сопствениот интегритет повисоко од материјалниот успех.
Или:
- Биди ладен
- Имај осет за време
- На конфликт реагирај со хумор
- Не очекувај враќање со иста мера
- Најди нова рамка за негативните искуства
Миленијалците конечно убодеа.