Сè што во моментов треба да знаете на темава е дека една девојка е суспендирана од колеџ на неодредено време затоа што, според тужбата што ја добива, дозволила маж да ѝ ја допре вагината. Какво е тоа сексуално репресивно лудило што довело до ова? И што побогу се случува по тоа американските школски кампуси веќе, аман?
Според Роби Соав од списанието Reason, се случило следното:
„Машки и женски студент се муваат на пијано. Тој се буди, преплашен дека таа ќе се жали за непристојно сексуално однесување, па ја претекнува и самиот поднесува жалба. Ја прогласуваат за виновна и ја суспендираат.”
Ова не само што е забавно за замислување, туку е истовремено и преседан за сликата на современиот студент.
Паралелно со тоа, тужбата што сега ја поднесува девојката нè доведува до комплициран подзаплет. Таа веќе има обвинето колега за неприкладно сексуално однесување. Во тужбата тврди дека ова придонело кон исклучување на тој колега од програмата, па овој новиов, што се пожалил, не го направил тоа за да се заштити себеси, туку од одмазда, поради тоа што му се случило на неговиот пријател.
Во и-мејл изјава за новинарката од Атлантик која ја пренесува веста, портпаролот на универзитетот, Грегори Вер го кажува следното:
„Универзитетот на Синсинати се фокусира на добросостојбата на целата универзитетска заедница и прави напори да обезбеди еднакви процеси кои ги почитуваат правата на сите и ги следат нивните потреби. Поради федерална доверливост, не сме во состојба да именуваме детали од индивидуални случаи. Нашата цел, како образовна институција е да правиме најдобро што можеме за сите студенти во однос на безбедност, еднаквост и поддршка.”
Во еден чуден алхемиски процес, овој занимлив настан на површина ги вади сите дупки во интерпретацијата на ваквите случаи и казните што следуваат за нив. Со други зборови, студентите и администраторите забележуваат дека деновите на обвинување на еден човек (најчесто маж) за некое безазлено, пијано мување веројатно се одбројани. Тоа беше глуп стандард, кој ги инфантилизираше студентките, ја демонизираше машката сексуалност, и главен виновник што непознат број на студенти беа казнувани, од кои речиси сите беа мажи. Паралелно со тоа, се тривијализираше нешто многу помрачно: сексуалното злосторство.
Со тоа што, прашањето останува: Зошто тој од погоре всушност поднел пријава? Се разбира, можно е да се почувствувал нападнат од страна на сексуален предатор. Понатаму, можеби бил мотивиран да се заштити, или да се одмазди. Што и да го инспирирало, едно е јасно: Системот каков што е сега, толку е напикан во интимата на возрасните студенти, што просто се доживува како воајер, монитор на секоја забава. А младите бараат универзитетот да се мавне од нивните приватни животи: младите дами особено - нивната невиност бескрајно се заштитува и се фетишизира, со институционални протоколи, излез, надгледување, дрес-кодови и слично.
„Денес, најсилните, најпаметните и најхрабрите студенти сфаќаат дека верувањата кои моментално владеат во школскиот систем се често нерационални и во голема мера политички. И овие нови студенти даваат отпор и се борат во повеќе сфери на студентскиот живот, а во моментов ги прати и поволен ветер.”
Вака, новинарката Кејтлин Фланаган го завршува своето излагање на темата за Атлантик, со надеж дека овој интересен случај нема да им премине во секојдневие, туку ќе одлучат сепак поцврсто да се држат до сопствените, вродени моќи: вистина, логика и разум.
Иначе, еве го кај е #MeToo, спремно, со транспарентите.