Едноставни активности потоа бараат одмор, а враќањето на маските и ограничувањата само придонесува кон враќањето на анксиозноста.
Специјалистите за траума не се изненадени од тежината што луѓето ја чувствуваат во моментов. Дури откако ќе се повлече траумата, луѓето почнуваат да стануваат свесни за психолошкиот афтершок.
Над година дена хроничен стрес и траума можат да значат голем данок по здравјето - се оштетува имунитетот, се нарушува ритамот и нѐ прават сериозно уморни. Телата ни поминаа низ многу, па не е ни чудно што сме преморени.
Како траумата предизвикува умор?
Сите сме доживеале некаква траума како резултат на пандемијата. Многумина искусија и директна траума - се разболеа самите или некој нивни близок. Луѓето постојано беа соочени со заканата сериозно да се разболат, а тие со посериозни проблеми со здравјето - и да умрат.
Истовремено константно бевме изложени на смрт и болест во медиумите, а познато е дека изложеност на стресни вести се поврзува со трауматски стрес и други проблеми со менталното здравје. И поради рестрикциите, луѓето немаа во секое време пристап до системите на поддршка и вештините за справување како обично, како што кажува Сара Лоу, клинички психолог и професор на Јејл.
Кога системите на стрес ни се хронично активирани - како што ни беа за време на пандемијата - телата почнуваат да го чувствуваат тоа. Трауматските искуства предизвикуваат телото да се префрли на „преживување“ - произведува повеќе енергија за да се бори со менталните и физичките „стресери“. Кога нема време да опорави, ни се трошат резервите на енергија.
Како капак на ова, сега кога сме на пресвртна точка на пандемијата, сѐ уште има едно ниво на несигурност. Невакцинираните се на ризик од високозаразната делта-варијанта на вирусот, а страшните наслови ги плашат и вакцинираните во однос на тоа колку се реално заштитени. И било каква промена, дури и добра, може да биде нервозно искуство.
Како да се справиме?
Најдобар чекор е да се практикуваат добри навики за спиење. Дајте му го на телото одморот што му е потребен - избегнувајте кофеин навечер, не вежбајте пред спиење и исклучете ги сите апарати за комуникација. Во текот на денот, одвојте време да се соберете. Медитирајте, вежбајте јога, прошетајте, или дружете се со блиските. Не морате да си го наполните распоредот веднаш, сега кога е сѐ повторно отворено. Потребна е умереност и сочувство кон себе - и обзир дека и позитивните искуства можат да истоштуваат.
И на крај - трпение со себеси.
Не е фер да очекуваме од сопственото тело да се опорави преку ноќ. Како што бил бавен процесот да се подготви телото за стрес, така бавно се очекува и да се ослободи од него.