Иако во случајов се работи за размена на информации меѓу обични луѓе, целата филозофија многу лесно се пренесува на ниво на влади и држави, нешто што веројатно ќе ви дојде познато периодов. Слична моќ и ефект на самозадоволство и спас има и моќта да се каже „не“, ама просто е неверојатно кога ќе сфатиш колку многу време, нерви и други корисни, само твои работи ти спасува напуштањето на беспредметна дискусија.
Зошто луѓето се пенават, всушност? Затоа што најчесто им е битно мислењето на другите. Ова напуштање, или баш отшетување подалеку, може да ви се чини нељубезно, но токму таму лежи моќта да се заштитиш. Во текот на животот запознаваме секакви луѓе, меѓу кои често има такви што се држат за вас ко пијан за плот, или енергетски вампири, или неназборени живи досади. Понекогаш им се дозволува нешто да кажат, но напуштањето е алатка што никако не смееме да заборавиме дека ни е на дофат.
И кога ќе напуштиш, не само што им даваш на знаење на сите тие напорни луѓе дека не те поседуваат, туку автоматски стекнуваш контрола на сѐ што е лично твое.