Моќта на црвениот кармин

„Постои нијанса на црвено за секоја жена.“
–Одри Хепберн

Некогаш за жени со низок морал, денес за храбри и моќни жени, плус, за посељачкиот дел од светот – сè уште за низок морал, црвениот кармин е став, филозофија и психологија сам по себе.

Без да се јачаме сега со „марш по црвен кармин и освојувај го светот“, (ама стварно, што да не отидете и да си купите нов?), да видиме што вика науката за овој феномен?

Изгледаме помлади

Една студија на Шанел открива дека контрастите на лицето ги тераат луѓето на заклучоци за тоа колку години имате. Како што старееме, ни потемнува и кожата, а очите и веѓите стануваат побледи па така контрастот се намалува. Истакнување на карактеристиките на лицето – потемнување на веѓите, маскара на трепки и црвен кармин создава повеќе контраст, а со тоа и помлад изглед.

Зголемена самодоверба

Според мене, убавината значи да ти биде удобно во сопствената кожа. Или тоа, или одличен црвен кармин. – Гвинет Палтроу

Романтичната изјава е дека со вистинската нијанса на црвено можеш да го освоиш светот. Бојата е секогаш поврзана со моќ и самодоверба, а според психологот Кејт Најтингејл, самото шминкање на усните со оваа боја ги предизвикува овие чувства. Елизабет Арден дури и произведувала црвен кармин за жените кои служеле во Втора светска војна за да се чувствуваат помоќно.

Освен тоа, со привлекување внимание на устата, ги тераш луѓето да се фокусираат повеќе на тоа што имаш да го кажеш.

Ве прави попривлечни

Жените што носат црвен кармин по дифолт се сметаат за попривлечни, ама зошто?

Затоа што, биологија. Црвените усни делуваат како визуелен феромон. Универзитетот Манчестер дури и открива во едно истражување дека еден кутар маж, при првата средба троши 7,3 секунди ако усните се црвени, наспроти 2,2 на ненашминкано.

Толку ли е просто?

Црвениот кармин е еспресо во козметиката.

Карминот ви ги зголемува шансите за успех

Една студија открива дека шминката ги истакнува цртите што се поврзани со тоа колку луѓето сметаат дека си компетентен, допадлив и од доверба. Овие квалитети свесно или потсвесно влијаат кога се бира кандидат за унапредување.

Во Франција на пример, истражиле и откриле дека келнерки со црвен кармин добиваат повеќе бакшиш отколку кога би носеле било каква друга боја, или дека мажите се спремни да потрошат повеќе пари на девојки што носат црвено.

Значи, црвениот кармин е моќ и феминизам – па сепак, многу би расправале околу тоа дали стварно жените мора да се шлапаат со него, колку да им биде полесно да се снаоѓаат во општеството. Дури и оваа статија што тргна феминистички, на крајот заврши со келнерки, бакшиш и трошење пари на дејт.

На крајот се сведува на: или ќе го освојуваш светот со црвен кармин, или со лабело.

Така што, како ти одговара.

30 мај 2017 - 11:19