
Брукс е и режисер и сценарист и главен актер во филмот. Ангажирал сериозен директор на фотографија со кого секој ден ги гледале филмовите што сакале да ги пародираат - сѐ за да бидат доследни во сите хичкоковски елементи: осветлување, атмосфера, ритам, поставеност на камерата... Темелна посветеност за да се долови препознатливиот стил на мајсторот на неизвесноста на филм.
Затоа и сцените во High Anxiety изгледаат толку автентично, иако се пародија на класици како Vertigo, Psycho, Spellbound и The Birds. Една од најпознатите сцени е комичната верзија на легендарната сцена под туш од Психо - наместо крв, низ одводот тече мастило од весник со кој хотелски службеник го напаѓа ликот на Брукс.
Инаку, откако го завршил, организирал приватна проекција на филмот за самиот Хичкок. Кога филмот завршил, славниот режисер без збор излегол од салата, оставајќи го Брукс убеден дека пародијата не му се допаднала. Неколку дена подоцна, пристигнува подарок - шест шишиња ретко вино од берба 1961 година, со кратка порака:
„Мал знак на моето задоволство. Немој да бидеш анксиозен околу ова.“