Меган, а да си одиш?

Кога си мала, сонуваш да бидеш принцеза. И после, кога ќе пораснеш тие соништа одат да умрат баш во бракот со еден принц.

Колку и да се симпатични како јавни ликови, на Принцот Хари и неговата свршеничка, Меган Маркл ич не им е лесно. Мал милион правила има кога си кралски пар, а тие веќе имаат прекршено неколку. На пример, не смеат да се држат за раце. Не смеат да даваат автограми. Не смеат јавно да се гушкаат.

Главните промени ќе почнат дури откако ќе се венчаат и тоа за него не толку, ама Меган, кај која главно е контроверзно што е разведена, Американка, глумица и дете од мешан брак - ќе треба на многу да се навикнува.

Нема рандом шетање од Лондон до Њујорк и назад, или случајни излегувања со другарки.

Не смее „да се замара со политика”.

Не смее да има ни Инстаграм. 

И веројатно ќе си рече човек на сè ова, е добро де, ќе живее во палата, нема да готви, ќе има батлери и шофери и нема да мора да брише прашина НИКОГАШ.

Па да, ама ќе мора и да ја облекуваат, наводно. А британското кралско семејство, ако се изземе Дијана, никогаш не го бивало за тоа. И нема веќе да смее да носи фармерки во јавност, што е така, малку трагично.

Веројатно и нејзиното е со амин од кралската служба за грди фустани.

Еве и да не ни е жал ни за фармерките - Маркл нема да смее веќе да работи. А тоа беше многу тажно и кога требаше да го направи Грејс Кели, затоа што и едната и другата не работеа во Дрекселмаер, туку во фин, гламурозен свет, како глумици.

За волја на вистината, Меган Маркл не е Мерил Стрип. Може и не треба да ја жалиме толку, особено штом, додека ние чекаме да (видиме дали воопшто ќе) ни дадат британски визи, Маркл, меѓу другото станува и британски државјанин. А и веројатно кога си заљубен и возбуден, не ти е толку битно што од сега па натаму, рацете се очекува цело време да ги држиш една во друга пред тебе. 

3 април 2018 - 16:25