Еден спомен, од пред неколку години: црн автомобил пред американската амбасада во Сараево, тој е висок и слаб, ама има покрај себе пит бул и ѝ вреска во лице: влегувај во кола! Го слуша цел Маријин Двор. Покрај неа уште една девојка која сè набљудува, скаменета. Таа влегува во кола. Колата се оддалечува со чкрипење на гумите. Другата девојка преминува улица и веќе е кај Историскиот музеј, кога јас дотрчувам до амбасадата. Пред неа, на три метри од местото каде се одигрува ова, стои стражар. Го прашувам зошто не реагирал: а што можам јас, маж и жена се караат, ете ѝ ја сестра ѝ, па нека реагира, покажува со глава кон девојката што сега се движи кон филозофскиот факултет. На нејзините рамена ситен ранец. На неговите виси пушка. Деветти март е, ден после Осми март. Нека ни е среќен денот на жените, нели, му велам.
И ќе честитаат Ден на жената. Ама само на дамите - никако на работничките, селанките, вештиците, распуштениците. Само на дамите, за кои кажуваат и дека се нивна поубава половина. Жените се тука да бидат убави, да бидат само половина. Тие се ставка во насловот: ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ЛУКСУЗНИОТ ЖИВОТ НА ПОЗНАТИОТ ФУДБАЛЕР: КОЛА, ЧАСОВНИК, СОПРУГА - предмет покрај предметите.
Ќе се чудат кога маж ќе убие жена. Минута подоцна ќе впишат Порнхаб и ќе кликнат на најгледаното видео: срамежлива тинејџерка развалена од кур како играчка. И нема да можат да се начудат. Од каде тоа, како така, ќе праша добронамерен маж друг добронамерен маж, пред да му покаже слика на Инстаграм: види ја оваа, ги извадила цицките, не ја прошол само тој што не прашал. Нема да можат да се начудат тие добронамерни мажи навечер додека ќе гледаат прилог за пораст на фемицидот. Ќе довикнат кон кујната: жено, дај едно пиво, па ќе ц‘цкаат во неверување. Го виде ли манијакот.
Го виде ли манијакот - тој што свирка и им дофрла на жените на улица, што го памти секој детаљ од домашното видео на Северина, ама не го памти името на мажот кој го објави како навреда и уцена, што за време на светско првенство во фудбал на шега ќе каже: немој да си поминала пред телевизор. Ха, ха. Шега, шала, виц. Само што овие посраниве феминистки немаат смисла за хумор. Сè им е ним живот и смрт. Главно смрт, затоа што мажите ги убиваат, како на шега. Добронамерниот маж потоа ќе напише на Твитер: овој што ја уби жената не може да е маж, тој е пичка обична. Пичка обична. Сè што е вредно за презир мора да е женско. И ќе се движат низ животот добронамерните мажи, уверени во својата недолжност, а секој момент со своите зборови и постапки ќе потпалуваат оган што голта женски животи. И жените ќе додаваат гранки и иверки. И тие ќе пишуваат: ороспија, што му направи на човекот. Затоа што така се научени. Затоа што длабоко во нив, стравот кој го почувствувале откако станале свесни за своето женско тело, се згуснал во уверување дека ќе преживеат само ако го прифатат сопственото понижување. Мажите си имаат свои браќа. Жена на жена ѝ е волк.
Што сакате вие, имате права додека ние гинеме по војни. Мажите гинат во војни што ги водат други мажи. Кога жените ќе повикаат на мир, им велат тргни се, женска главо. Кога ќе загинат, жените се криви. Жените се криви и за машката и за својата смрт. Криви се секогаш и за сè. Убиени се луѓе, нема да ги делиме жртвите на полови. Сите животи се еднакво вредни, ќе каже некој во коментар. Пробувам да се сетам кога последен пат жена има земено пиштол и од никаде да почне да пука. Не можам да се сетам. Ама затоа секоја недела гледам име на некоја нова убиена. И секој пат очекувам светот да застане, очекувам потрес, а не се случува ништо. Никој не ни трепнува. Никој, официјално не ни брои. Ако било која друга група во општеството гине со честоста со која гинат жени, би се свикувале вонредни седници, би се менувале закони, би се повикувало на драстични мерки. Сепак, не се сите животи еднакво вредни. Животите на жените, на пример, ништо не вредат - обични триста лајкови кога снимаш како ги убиваш.
Мизандрија, ќе каже просветлениот феминист. Не е тоа поентата. Да се мразат мажи. Зашто мразите мажи, прашуваат, а никој не прашува што направиле мажите за да не бидат омразени, со што заслужиле да не бидат презрени. Те убиваат, те силуваат, те претепуваат, те омаловажуваат, те понижуваат, ама немој да ги мразиш. И не ги мразам: немам енергија за тоа. Само сакам да ми се тргнат од пат. Од мојот пат, од патот на мајка ми, тетка ми, братучетка ми, другарките, сите жени што само сакаат да бидат и да живеат. Еден човек и една жена, на перонот на среќата. Затоа што жената не е човек. Жената е жена, може е покорисна од саат, ама не толку вредна колку кола. Мажите на своите коли никогаш не би им наштетиле.