Марв од „Сам дома“ денес се бави со мандарини и скулптури

Даниел Стерн има изградено платформа на социјалните мрежи со документирање на секојдневниот живот на неговата фарма.

На светот крајот на годината му е асоцијација за празници, но на Даниел Стерн му значи нешто друго: „Периодот на Сам дома“. Сега има 67 години, најпознат е баш по улогата на Марв, а актер е повеќе од 40 години. Деновиве прави скулптури од бронза и помага на семејниот ранч во Калифорнија, каде што ги забавува внуците со физичката комедија што го прослави и во Сам дома.

Филмот си остана класика низ годините, што Стерн го смета за неверојатно, но фановите од ‘90-те сега од друго се маѓепсани: Стерн го документира секојдневниот живот на неговата фарма и си ги носи следачите на берење мандарини и правење сокови, а им покажува и каква е атмосферата во неговото ателје. И луѓето се радуваат на содржини од типот кој му е омилен соковник и колку е воодушевен од калапите за бронза.

Неговото семејство има ранчови во Калифорнија уште од 19 век. Решил да споделува затоа што, како што вели:

„Причината што споделувам со јавноста е што тоа е конечниот чекор на било кој уметнички проект - да им го дадеш на луѓето да го видат и да реагираат на него.“

Уште не е навикнат на популарноста на неговите видеа, но тоа чувство не му e ни ново - се мачел да се снајде со обожавање и во минатото, кога од обичен актер станал „домашен“ со улогата во Сам дома.

„Каков луд начин да се минува низ животот,“ вели тој. „Да си мало делче од животите на луѓето.“

Денот го почнува со прошетка низ дрвјата со мандарини, или комшиските фарми, па потоа оди во ателјето, каде што останува до вечер. Сериозно почнал да се бави со вајарство пред 25 години и сега главно работи со бронза.

После јавниот живот во ‘90-те. животот на ранчот го опишува како „рај“. Не работи толку активно како глумец, но повремено знае да се појави во серија како Shrill или For All Mankind.

Ова му овозможува да се фати за други креативни правци, како мемоарите што ги има издадено на почетокот на годинава со наслов Home and Alone, како референца на начинот на кој сака да ги поминува деновите.

27 декември 2024 - 09:54