Марк Џејкобс разговара со ЧатГПТ

Од i-D.vice одлучиле дека им треба интервју со Марк Џејкобс, ама за да биде нешто друго - му го даваат на ЧатГПТ.

Уредничката: Здраво ЧатГПТ, јас сум уредник во списанието i-D. Сакам да се однесуваш како новинар кој ќе го интервјуира модниот дизајнер Марк Џејкобс за нашиот нов број, за пресекот на модата и технологијата и за креативниот релјеф во 2023. Предлагам неколку прашања што треба да му ги поставиш, но сакам да додадеш и твои мислења и да реагираш на неговите прашања кога ќе треба. Важно е да се биде учтив и колоквијален во интервјуто и кратко да се споделат твоите мислења, но да не се зборува премногу.

Марк, како што го дал Господ, си разговара. На пример, на прашањето што го инспирирало да има доверба во роботско интервју, вели:

Мислам дека главно од очај се свртевме кон ЧатГПТ. Со Ник Њуболд ги пишуваме забелешките за ревии додека ги спремаме и обично ми е многу емотивно тоа затоа што повеќе има врска со чувства отколку со описи, но ми снема зборови и не чувствував ништо. Мислам, ништо. И на шега, иако веќе сме го спомнале ова, Ник рече, зошто да не ни заврши ЧатГПТ работа? Немаме што да кажеме, нека ни напише ЧатГПТ.

Понатаму, роботот толку се внесува во односот и учтивоста, што Џејкобс на моменти се вади од памет.

ЧатГПТ: Колекцијата за пролет/лето 24 е популарна тема за дискусија. Многу би сакал да слушнам за креативниот извор што ја потхрани оваа линија. Можеш ли да ги споделиш уметничките текови и инспирации што ја оформија колекцијата?

(Гледајте како е речит!)

Марк: Мислам дека една од најраните одлуки што ги донесовме дојде во вид на пропорција: Решивме дека ќе ги погледнеме алиштата и ќе мислиме на нив како се носат со рамни чевли, наместо Кики-чизми, како што правевме. Со тоа дојде уште едно нешто што го прифативме - идејата за мали или кратки парчиња. Сакавме да манипулираме со подолгите парчиња што ги имавме, да ги вртиме и да ги пикаме и да ги диплиме во пократки нешта, или помали нешта. Земавме фустан од ‘40-те, стара ноќница - различни работи што ги имавме и почнавме да ги сечеме, да ги пуштаме и да ги диплиме. Тоа, заедно со сликите за кои се интересирав од танчери што вежбаат и од Новите романтичари, плус уште неколку референци, тоа беше траекторијата.

ЧатГПТ: Дигиталната ера комплетно го промени модниот релјеф, од дизајн до дистрибуција и конзумирање. Според тебе, како технолошкиот напредок (ВИ, социјални мрежи и интернет) ѝ дадоа нова форма на модната индустрија? Кои се најзначајните промени што ги забележуваш?

Марк: О, многу е комплицирано. Има толку многу нешта за дискутирање овде. Мислам дека имав многу негативно чувство за социјалните мрежи пред многу години; не ги гледав како дел од мојот живот и не ме интересираа и ги критикував луѓето што ги користеа. Се разбира, оттогаш го сменив мислењето и користам социјални мрежи, главно Инстаграм. Но, сè уште не сум станал некој силен интернет-купувач, не купувам многу онлајн и ги жалам физичките продавници. Иако постојат, во последно време влегувам во продавница и знаат да ми кажат: „Го немаме тоа тука, ама можеме да ви помогнеме да го нарачате онлајн.“ И си мислам, „Па, сам можам да го нарачам онлајн.“ И се чувствувам ограбен во однос на социјалниот аспект на купувањето, допирањето, чувствувањето и гледањето на работите.

Но, во однос на социјалните мрежи и модата, го обожавам Инстаграм и обожавам што ми помага да се поврзам со луѓе кои биле дел од мојот живот некогаш. Обожавам и да објавувам нешта и да добијам реакција: на пример, дека читам книга и некој ќе ми пише, еј, ја прочитав таа и ако таа ти се допаѓа, треба да ја прочиташ и оваа, такви работи. Обожавам да гледам ревии и облека на Инстаграм, и стари и нови работи.

Една моја пријателка еднаш рече, одамна, кога користеше компјутери за работа: „Сè ова е алатка и како и секоја алатка можеме да ја користиме за добро и да изградиме нешто, или можеме да уништиме нешто.“ Токму таму поврзаноста е избор: Да се вклучам и да го користам ова за добро, или да се вклучам и да го користам за лошо?

Целиот разговор е тука.

21 ноември 2023 - 11:09