И да се разгледаат притоа и сите фактори. Постот доаѓа од мајка на шест деца, а коментира мајка со една ќерка. Очигледно е дека имаат различен пристап на воспитување и различен живот. Првата, Џен Флинт, била на базен со шесте деца и сопругот и видела мајка и ќерка (ќерката околу четири години) во исти купачи.
„Мајката, со нејзините совршени локни врзани во соодветна марама… ги рашири играчките за во вода и средството за сончање на пешкир што одговараше со нив,” објаснува Флинт на Фејсбук. „Потоа, го најде совршениот агол и светло и извади сталак и направи неколку селфиња со ќерка ѝ.”
Според Флинт, девојчето цело време прашувало дали може да си игра во базенот, ама мајката не ја пуштала додека не сликнала неколку совршени слики. Ова може траело и пола минута, а сите знаеме колку пати дете може да постави едно исто прашање во пола минута, а можеби и било греота за гледање. Не знаеме.
„Малото се насмевна широко како милион пати да го направила тоа до сега,” пишува Флинт. Потоа ѝ било дозволено да влезе во базенот, додека мајка ѝ зборувала на телефон.
„Малото учтиво и постојано прашуваше, ‘Мама, ќе влезеш во вода со мене, те молам?’ Игнорирана беше. ‘Мама, дојди да си играш со мене?’ побара уште четири пати. Мама ја погледнуваше, но не се симна од телефон,” тврди Флинт.
Океј, ајде коментар. Ова звучи вака тажно, но сепак не знаеме дали можеби мајката цел ден претходно играла со девојчето и сега едноставно решила да позбори на телефон. Не знаеме дали не спиела цела вечер заради нејзе, па решила малку да одмори од интензивно внимание на детето, затоа што не сите имаме време и енергија како за шест деца чување. Најлесно е да претпоставиме дека е незаинтересирана (што е многу можно), ама фактори има колку сакаш.
Потоа, на „големо изненадување на семејството Флинт” мајката завршува со повикот после 10 минути, го собира средството за сончање, никогаш ненанесено, играчките за во вода - недопрени од вода, ја собира ќерка ѝ и го напуштаат базенот.
„Седев и размислував за ова, потоа. Замислував дека сликите што ги направи совршено ќе ги среди и ќе ги објави на социјалните мрежи со коментар од типот ‘На базен со моето девојченце! #Makingmemories’,” вели Флинт која додава и дека нема намера да ѝ суди за начинот на кој ја одгледува ќерка ѝ (озбилно, тврди дека нема намера да ѝ суди?!) ама почувствувала потреба да каже нешто на тема совршено сценирани слики на социјални мрежи.
„Некаде, некоја друга мајка ќе биде дома со децата, со куќата во хаос од нивното играње, ќе биде целата несредена од цел ден бивање мајка, во валкани алишта, исфлекани со путер од кикирики. Ќе ја види сликава и ќе се спореди со мајката на базен… И ќе помисли дека е неуспешна.
Она што го гледаме на социјалните мрежи не е секогаш вистинско. Често е сосема наместено. Сценирано, филтрирано и лажно. Мајки, не се споредувајте меѓу себе. ДОВОЛНИ сте. Неверојатни сте и најдоброто во целата работа е што сте ВИСТИНСКИ. Валканата кошула и растурената куќа и среќните деца се вистински и се доказ дека правите нешто како што треба!”
И за ова е скроз во право, со тоа што, малку си фрла облак на умната изјава, несвесно споредувајќи го својот начин со начинот на средената жена која ете ја имала таа несреќа да оди на истиот базен со мајка што мисли дека знае се за неа, се споредува со неа и ја користи за пример - како не треба да се споредуваш со другите.
Ботом лајн - супер сте и се трудите. Тешко е, напорно е и радосно е истовремено. Нема потреба да се гледа од високо на едни, а нагоре во други. Уживајте на плажа.