Мајките често ги караат дека „ги оставиле децата“. Зошто не и татковците?

Оливија Вајлд често ја фотографираат без нејзините деца. И има луѓе што мислат дека „ги напушта мајчинските должности“ поради тоа.

После месеци непоканети прашања за нејзините мајчински инстинкти, режисерката на Don’t Worry Darling ја исправи работата во интервју за магазинот Ел.

„Делам старателство со мојот поранешен сопруг. Ако сум без децата на фотографија, луѓето претпоставуваат дека сум ги напуштила, како да се затворени во кола без мене. Сакаат да кажат дека ја напуштам мојата улога како мајка,“ рече таа. „Знаете зошто не ме гледате со децата? Затоа што не дозволувам да ги фотографираат. Знаете колку се мачам да ги заштитам децата за вие да не ги видите?“

За жал, не треба долго да се скрола по социјалните мрежи за да се начекаат дискусии за тоа колку неа ја бива како мајка. Се начекуваат еден куп коментари од типот „потребна си им на децата“. И сето ова доби на интензитет, откако се објави дека планира да се сели во Лондон за да живее со Хари Стајлс.

Вака кога читаш, добиваш впечаток дека Вајлд е прва на планетава што жонглира со родителство, захтевна работа и врска. Но, како што самата истакнува, има огромен двоен стандард, затоа што мажите во јавниот живот едвај и да ги прашуваат за децата, а не па да им судат за начинот на кој што ги растат.

„Кога луѓето ќе ме видат без деца, веднаш скокаат на, како се осмелува!“, кажа Вајлд за Варајети во август. „Никогаш не сум видела некој тоа да го каже за маж. И ако е со детето, тогаш е херој.“

Подтекстот зад сите овие критики е идејата дека жените треба да се откажат од целиот свој идентитет заради мајчинството. Се разбира, да се биде мајка сосема го менува животот, но дали од татковците се очекува исто така да се откажат од сè друго?

Холивуд отсекогаш има навика да заборава дека жените можат да имаат повеќе улоги одеднаш и добро да се снаоѓаат со тоа (а од Холивуд за жал, учи јавноста). Во 2019, луѓето ја изедоа Криси Тајген по фотографија каде што се излезени со сопругот Џон Леџенд - нему ништо не му рекоа. Во 2016, Ана Фарис сподели дека секогаш ја прашуваат за детето што го има со Крис Прат, а него не.

„Често прашање на црвениот тепих е, како се снаоѓаш со мачјинството? И тоа е фер прашање, но не е баш фер кога Крис никогаш не го добива,“ изјави тогаш Фарис за ХафПост. „Условени сме со таа идеја да не им текнува на луѓето дека и тој треба да се снаоѓа.“

Повеќето од нас нема да се соочат со јавен линч за чување деца како славните што се соочуваат. Сепак, кога мнозинството самохрани родители во реалниот живот се жени, навистина треба да го доведеме во прашање извртениот наратив за „неприсутни“ мајки наспроти „неприсутни“ татковци.

18 октомври 2022 - 11:36