Ни козметички џинови не се исклучени од глобалната хајка - Лореал во саботата објави дека отстрануваат зборови како „избелување“ од нивните производи, вклучувајќи се во светската борба против расизмот.
После Унилевер, Џонсон и Џонсон и Марс, Лореал е најнова меѓународна компанија што реагира на движењето „И црните животи се важат“.
„Од Лореал одлучија да се отстранат зборовите ‘бело/избелување’ и ‘светло/осветлување’ од сите производи за кожа,“ пишува во кратката изјава на компанијата.
Англиско-холандската Унилевер, која инаку заработува 500 милиони долари годишно од кремата за осветлување кожа ‘Fair & Lovely‘ во Индија претходно најави дека ќе го менува името на нивниот производ - и ќе престанат да го користат зборот „Светло“ во чест на новопронајдената посветеност на „славење на сите бои и тонови на кожата“.
Во Индија и неколку боливудски ѕвезди го извлекоа подебелиот крај затоа што некогаш рекламирале производи за избелување на кожата - меѓу нив и актерката и поранешна Мис на светот, Пријанка Чопра.
Минатата недела и од Џонсон и Џонсон се огласија - дека ќе престанат да продаваат некои од производите на Неутрогена и Клин ен Клир кои ги рекламираат за избелување на темни флеки на кожата.
„Дискутиравме последниве неколку недели дека некои од производите имаат проблематични имиња и тврдења; дека намалуваат темни флеки и со тоа алудираат дека светлото и белото се подобри од секој друг уникатен тон на кожа. Ова не ни беше намерата - здрава кожа значи убава кожа.“
Неколку американски компании рекоа дека ќе го менуваат визуелниот идентитет, меѓу нив и Марс (за благо) од каде што велат дека планираат да го развијат нивниот бренд Uncle Ben’s кој има „карикатура на афроамериканец“ за лого.
Сирупот и миксот за палачинки со пријатната црнкиња на етикетата Aunt Jemima исто ќе помине низ измени (без разлика што сѐ повеќе луѓе се бунат дека бришење на црнци од етикети е контра-продуктивно, особено што Џемима е самата по себе бренд и рецептите се нејзини).
Понатаму, Веризон, Хонда и Бен и Џери, Патагониа и Норт Фејс водат кампања за бојкот на рекламирање на Фејсбук во обид да го натераат подобро да се справува со говор на омраза и лажни информации. Истовремено, будното око на јавноста е насочено врз сите големи компании - контролирајќи дали се искрени во приклучувањето на борбата против расизмот или намерата им е „ради реда“.
Епл започна иницијатива од 100 милиони долари за реформи во расната нееднаквост, образованието и кривичната правда. Пепси сподели петгодишен план од 400 милиони долари за помош на црните заедници. Но, според еден извештај од минатата година, фирмите имаат многу фурни леб за јадење со оглед на тоа што од 500-те најголеми американски компании според приход, само три ги водат Афроамериканци, а само 24 ги водат жени.