Миење неколку секунди е секако подобро од ич миење, ама 60? Сепак, некои луѓе се колнат дека им се смениле многу работи, а има и дерматолози што препорачуваат.
Виралноста на идејава почнува (се разбира) од ТикТок, кога една жена сподели совети за кожа каде што влезе и тоа - козметичарка што ѝ правела третман ѝ рекла дека може дури и да забележи од нејзиното лице дека не го мие цела минута.
После таа објава, се јавуваат нови - и објави и коментари - каде што луѓето споделуваат искуства: Дека после минута миење, лицето им е бебешки меко, дека им се помали порите, дека жалат што никој не им кажал порано, дека изгледаат добро и без шминка…
Има и еден Др. Чарлс (така е на ТикТок, и Базфид тврди дека е сертифициран и селебрити дерматолог) и тој објаснува дека повеќето луѓе издржуваат до 15 секунди, но тоа не е доволно време за чистачот да си ја заврши работата. А кога лицето не е доволно добро исчистено, сите креми, серуми и масла не се толку ефикасни.
Што би значело дека миење лицето подолго прави и производите повеќе да се исплатат.
„Нашата кожа има повеќе слоеви, а најгорниот, стратум корнеум, ни е штит од надворешниот свет,“ вели докторот. „Да се прснеш со вода и да завршиш работа не ѝ дава на кожата доволно време да омекне и да дозволи средството да си ја заврши работата.
Живееме и во златна ера на негата на кожа и сапуните што се наменети за лице содржат многу импресивни активни состојки (гликолна киселина, салицилна киселина, сквалан, итн) и важно е да им дадеме време.“
Важно е и да се користи вистинскиот сапун за лице - луѓе со многу сува, или зрела кожа нема да реагираат исто како луѓе со акни, на пример.
И уште нешто: Потребни се четири недели за кожата да реагира на новиот режим - ниеден производ/метод не функционира преку ноќ.