Corpse Bride ја знаете од филмот на Тим Бартон, а на светско ниво, на луѓето им се атрактивни страшни приказни каде што токму невеста плаши народ (во скопско и предизвикува гасење кола на мост, плус ѝ се слушал и гласот кога ќе поминеш покрај гробиштата).
Со од гроб станата невеста може да се пофали и Ирска, и тоа со една легенда што всушност тоа не е бидејќи - Марџори Мекол постоела.
Била мажена за доктор и според сите сведочења живееле среќно. Но, кога Марџори се разболела, нејзиниот сопруг бил полуден од грижи - болестите што денес ги сметаме за небитни, во 1700-те биле сериозен проблем и главно влегувале под капата на „треска“, која на крај, сепак ѝ го земала животот на Марџори. Ја закопале на црковни гробишта, недалеку од нејзиниот дом, и тоа набрзина од страв да не се рашири треската.
Имало расправии на бдеењето заради вредниот прстен што Марџори го носела. Многу од ужалените се обидувале да ѝ го извадат од прстот, од страв дека ограбувачи на гробови ќе го осквернават нејзиното вечно живеалиште. Не успевале, па на крај ја закопале со прстенот, а оваа информација стигнала и до гробокрадците.
После бдеењето (што всушност било обид да се избегне закопување живи, па се бдеело над мртовецот неколку дена), Марџори ја закопале.
Истата вечер, доаѓаат лопови и почнуваат да откопуваат за да дојдат до ковчегот. Прстенот навистина бил таму, па се обиделе да го извадат, но бидејќи не се вадел, решиле дека најлесно ќе биде да го отсечат прстот.
Само што протекла крв од прстот на Марџори, таа се разбудила од нејзината состојба, што излегува дека била само кома, не и смрт - се исправила, широко ги отворила очите и почнала гласно да вие, што се разбира на лоповите никако не им асоцирало на унередена и од памет извадена жена. Еден од нив и умрел на место од страв, а другите двајца избегале.
Дома, сопругот на Марџори седел со нивните деца и роднините, оплакувајќи го нејзиниот прерано згаснат живот. Во тој момент, некој три пати тропнува на вратата и семејството се соочува со „невестата“, облечена во облеката во која што ја закопале, со крв што течела од речиси исечениот прст, но сепак - жива. За реакцијата на сопругот се расправа, но во повеќето верзии паѓа мртов од шок и сега семејството мора да се шалта од радост во тага - Марџори жива, а Џон помртов отколку што она некогаш била. Го закопале во празниот гроб што Марџори го напуштила.
Марџори понатаму се омажила и имала уште неколку деца, иако се шушкало дека од гробот излегла бремена од „непознат додворувач“. Кога конечно се вратила таму, ставиле плоча на која до ден денес пишува:
Жива еднаш, закопана два пати.
И денес ја паметат жителите на Лурган и сакаат да си кажат дека ја гледаат како лута по гробиштата Шенкил, „барајќи ги тие што ѝ згрешиле“.