Лажете ли на Тиндер?

Неверојатно е со каква леснотија луѓето праќаат пораки полни глупост, особено кога некој им се свиѓа. На пример, кога на некого намерно му праќаш порака со специфични информации, па после му пишуваш „еј, не беше ова за кај тебе.” Или кога ќе додадеш уште шест непотребни детали на објаснување зошто сакаш да презакажеш состанок, во надеж дека ќе звучиш поубедливо. И други слични работи, јасно ви е.

Никој не верува во овие работи од другата страна, а сепак сме некако уверени дека сме мајстори за измама додека куцаме лажги.

Никој не се ни извлекол без да го провалат. Сепак, добрата вест доаѓа од едно изненадувачки утешително истражување неодамна објавено во Journal of Communication и гласи дека кога се работи за муабети на Тиндер, Бамбл и ним слични, за чудо - ретко се лаже.

Тешко е за верување, но добро, да видиме.

Истражувачите Џефри Ханкок (професор по комуникации на Стенфорд) и Дејв Марковиц (асистент за истиот предмет на универзитетот во Орегон), собрале повеќе од 3000 пораки испратени од околу 200 луѓе за време на „фазата на откривање”, односно, оној период од моментот кога двајца ќе се спојат на апликација до моментот кога ќе се видат. Кога ги прашале испитаниците да одредат колку биле неискрени во секоја порака, околу две третини рекле дека зборувале само вистина (што нели, може и да е лага) а само 7 проценти од пораките содржеле лажни информации.

Главно, кажаните лаги биле „батлерски лаги”, што е одличен, одличен термин за кога се вадиш дека „нешто не можеш сега”. Тоа се главно изговори за учтиво да почнеш или да прекинеш разговор.

А според истражувањата, еве зошто најчесто се лаже:

Да се покажеш во подобро светло. Повеќе од третина од лажните пораки биле „за претставување на себе”. Во некои случаи, на пример било лажење дека те интересира истото што го интересира и соговорникот, во други било благо извртување на вистината за да изгледаш поинтересно.

Да се извадиш од средба. Од друга страна, нешто под 30 проценти од лагите биле за времето на тој што ги кажува (или недостатокот на време), категорија што истражувачите понатаму ја разложиле на неколку подгрупи. На пример, за лажење кога треба да се сретнеш - немање време, напорен ден, неможност да се договориш на раат додека „не ти се среди гужвата”. Некои луѓе се потрудиле да делуваат уверливо, а некои - не баш.

За да се ублажи ударот на одбивањето. Лагата „би сакал/а да можев да дојдам, не е само за да не бидеш груб, туку и да оставиш простор во иднина да се случи некоја средба, а притоа да не биде незгодно.

Во врска со време. Од типот „доаѓам одма”, кога всушност баш и не доаѓаш одма.

За Марковиц, сепак, заклучокот од истражувањето не е дека сите ги кажуваме истите лаги, туку дека, наспроти општото мислење, на апликациите за лични контакти има главно пристојни луѓе. „Идејата дека наводно поголемиот број на испитани биле искрени не е некој шок,” вели тој. „Фино беше да се истражи ова од овој аспект, сепак, затоа што покажува дека довербата и искреноста се уште се клучна социјална динамика кога луѓето комуницираат како непознати.”

Како македонците функционираат на вакви апликации, и колку лажат, допрва треба да дознаеме.

17 мај 2018 - 12:58