Крајот на немите филмови значеше крај и за Карл Дејн

Силниот акцент е една од главните причини што толку многу ѕвезди на немите филмови пропаѓаат кога ќе се појави првиот аудио-дијалог.

Вистинското име му е Размус Карл Теркелсен Готлиб, што секако немало да пројде во Холивуд. Роден е во Данска во 1886 и се заинтересирал за театар уште од мала возраст.

Ја преживеал Првата светска војна, па се оженил, па по некое време се преселил во САД. Од жена му што останала дома со двете деца побарал да го почека, додека да не прати некој да ја земе. Работел како механичар, но тешко заработувал. Така му текнало на страста за театар и нашол група глумци да им се придружи. Како статист нашол ангажман за 3 долари дневно, што било исто како ден механичарска работа, со тоа што второво било далеку потешко.

Имал среќа - веднаш по војната расположението било крајно анти-германско, па имало простор во филмови за „гадниот Германец“. Открил дека е талентиран за овие улоги, така огромен, грд и заканувачки тип и со тек на време почнал да добива сѐ поголеми улоги. Подоцна се покажал еднакво способен за комедија.

Сега веќе имал повеќе пари да праќа дома, но жена му се разболела и не можела да патува, па му рекла тој да се врати. Размислил и решил дека ќе се разведе.

Кратко потоа, запознава друга жена, се жени и се повлекува на фарма. Се откажува од филмови и станува земјоделец што многу му одговара, но за жал втората жена умира на породување, сосе бебе.

Дејн решава да се откаже од фармата и се враќа во еден од најпопуларните неми филмови во тоа време - „Големата парада“. Таму глуми и легендарниот Џон Гилберт кој исто така губи работа кога ќе дојде звукот на филм.

Се префрлил во МГМ и заработувал тогаш огромни 1500 долари неделно и продолжил да прави се попопуларни и попрофитабилни филмови.

На крај, доаѓа 1928 - Дејн е веќе американски граѓанин, но на глобално ниво доаѓаат talkies - звучните филмови. Карл имал силен дански акцент што едвај се разбирал, па после две филмски катастрофи, МГМ го откачиле.

Освен филмовите, се обидел со неколку бизниси, но биле неуспешни и наскоро осиромашил. Во 1934 еден ден го наоѓаат во столче, со самонанесена прострелна рана во главата. Околу него имало тефтери со хроники од најдобрите денови, а телото потоа со денови седеле во мртовечница, додека еден негов пријател не ги убедил МГМ да платат за погреб. Оставил наследство од 200 долари.

26 април 2024 - 00:00