Една козметичарка од Сиднеј, Австралија замислите, доби поддршка од клиентите, идни и сегашни заради конечната одлука да забрани деца во нејзиниот салон.
„ВНИМАНИЕ!” го започнува својот Инстаграм пост, со страв дека ќе ја качат на клада, бидејќи нели, знаеме во каков свет живееме денес. „Се извинувам однапред… на нашите прекрасни клиенти. Ова ми е многу тешка објава затоа што мразам да вознемирувам луѓе, а мислам дека токму тоа ќе го предизвикам, но немаме друга опција. Воведуваме ново правило, дека клиентите нема веќе да можат да носат деца или бебиња во нивните термини. Сме имале денови кога имало и по 10 деца во салонот одеднаш, што никој не ги гледа, додека на мајките им се прават третмани. Ова едноставно не е фер за другите клиенти кои доаѓаат сами, и за нив доаѓањето е месечно частење и сакаат мир и тишина додека им работиме на веѓите или трепките. Не е фер ни за моите вработени кои постојано бркаат деца и лулаат бебиња (иако потајно го сакаме ова, истовремено мораат и да одговараат на телефон и да презакажуваат клиенти!). Деца ни бегале на улица, клиенти си оделе на сред третман, изнервирани од вревата и ни се јавувале мајки да се жалат дека веѓите им се криви, а цело време додека биле на третман нишале расплакано бебе.
Мене ми е јасно колку е тешко да избегаш на козметичар бидејќи имам две мали деца, без баби и дедовци овде во Сиднеј да ми помогнат и да ги почуваат кога треба да излезам. И покрај тоа, се трудат моето слободно време да биде токму тоа - мое. Знам колку е тешко да најдете бебиситер за толку кратко време, но со оглед на тоа што овие третмани се еднаш месечно, се надевам дека клиентките-мајки ќе најдат алтернативно решение пред да дојдат во салон. Ви благодарам за поддршката и лојалноста и ве чекаме во салонот опуштени и без деца.”
Главно, клиентите се радуваат (а веројатно меѓу нив има и такви што имаат деца ама сакаат барем на саат време да им избегаат), ама има и такви што ги фаќа очај, па коментираат дека не би можеле да се снајдат без дуќани што не примаат деца и се разочарани.
Сепак, останува фактот дека козметичките салони не се деца-френдли и воопшто нема потреба да заличуваат на градинки.
Среќа па, кај нас тоа не е така масовно.