Колку секс (и сè друго) е потребно во врска?

Не е сексот единствено прашање на кое би сакале бројчан одговор, има и разни други кадешто посегнуваме по квантификација, а за неа нема место.

Колку често треба да имате секс кога сте во врска? Старо прашање кое скоро секој што бил во врска си го поставил себе, на пријател, партнер или терапевт. Ако ви е тоа прашањето, можете и да гуглате и да најдете истражувања на тема колку често луѓето во просек имаат секс и тоа поделено на различни категории: Во однос на траењето на врската, во однос на годините, полот, родот, сексуалната ориентација, па дури и до државите на потекло. Секакви податоци има тука, можете вие да трагате, но немојте. Затоа што тоа суштински нема врска со вас и врската во која сте сега.

Двојките често доаѓаат на терапија со ова прашање. Потоа доаѓаме до тоа дека проблемот со сексуалното функционирање не настанал туку така, од никаде, туку во моментот еден од нив, или и двајцата се наоѓаат во многу специфична, тешка ситуација и сексот, кој до скоро бил лепак на нивниот однос, сега веќе не работи, или бар за еден од нив не работи. Тешко е да се имаат неостварени потреби во односот, особено ако на почетокот сè било супер, а потоа од некоја причина престанало. Првата реакција е тоа да се доживее како одбивање или отфрлање и ретко се поврзува со состојбата на другиот, која често нема врска со нас.

Сексуалните потреби се многу деликатни од повеќе причини. Прво, затоа што претставуваат важен елемент на партнерскиот однос (тоа е тоа што партнерството го разликува од пријателството, нели), а потоа, затоа што сексот покажува дека сме блиски и ексклузивно поврзани. Другиот проблем е што сексуалните потреби се релациони, и мораме да се обратиме на другиот за да ги задоволиме. Кога сме гладни и жедни, ќе го кажеме тоа без срам, затоа што знаеме дека за тие потреби сме сами одговорни и знаеме како да си помогнеме. Кога ни недостасува контакт, блискост, допир, сето тоа мора да ни го пружи друг човек. Ако тој човек од некоја причина веќе не покажува иницијатива, се повлекуваме и чувствуваме осаменост и срам.

Не реагираат сите вака, се разбира, ама реагираат оние кои некогаш одамна научиле дека треба да чувствуваат срам кога се нивните потреби во прашање затоа што ги посрамувале, или игнорирале кога прозборувале за нив, или ги покажувале. Некои среќници имале исксутво нивните потреби да бидат препознавани и редовно задоволувани од родителите, или други значајни луѓе од опкружувањето. Тие во ситуација кога се фрустрирани ќе речат, „Забележувам дека нешто не е во ред, тешко ми е да се поврзам со тебе затоа што очигледно поминуваш низ нешто, би сакал/а да имаме повеќе контакт, што можам да направам?“ И ако имаат уште повеќе среќа, од другата страна ќе има човек што ќе каже, „Да, ова е ужасен период, преуморен/на сум и се преиспитувам, тоа влијае на мојата животна, па и сексуална енергија, ми треба подршка и трпение.“ Ако припаѓате на оваа среќна група, најверојатно не сте ни кликнале на текстов. Ако сепак читате, тогаш веројатно се прашувате како да вратите нешто што како да исчезнало, размислувајќи во правец - што не е во ред со мене, или што не е во ред со мојот партнер, ако стигнавме до овде?

Кога размислуваме од перспектива дека со нас, или тој/таа од карши нешто не е во ред, влегуваме во ризик за обвинување, самообвинување и осуда. „Ти веќе не ме сакаш“, или „Со тебе нешто не е во ред“ се појавуваат во расправија како крајно неконструктивни обиди за наоѓање решение. Обиди се, затоа што иако се обвинувања, овие изјави се само несреќни реакции, во надеж дека другиот ќе реагира на нападот на бесното и осуетено дете во нас. Од друга страна, во нас можат да се јават мисли како „Не сум доволно привлечен/на“ или „И онака е невозможно некој да ме сака, само прашање на време беше кога тоа ќе се покаже.“ И тие мисли доаѓаат од детето во нас и се разбира дека не е секси да се мисли на детето во себе во комбинација со обидот да се врати страста во врската, ама за да можеме да дојдеме до второто, мораме прво да се позанимаваме со првото. Да се провери, не со Гугл, туку со себе, колку и што всушност ни треба и кои ирационални сили во нас јавуваат и спречуваат да ги поправаме работите на подобар начин.

И не е сексот единственото прашање на кое би сакале бројчан одговор, има тука и разни други каде што посегнуваме по квантификација, иако за неа место всушност нема: На кој дејт треба прв пат да се има секс, после колку месеци е во ред да кажеме „те сакам“, кога точно е океј да почнеме да живееме заедно, но и колку инциденти се доволни за да излеземе од одредена приказна.

Ова се важни одлуки и создаваат сериозна напнатост. Затоа мислиме дека ни е потребно некој да ни каже како точно се прават работите, што е оптимално, пожелно. И тоа е сè разбирливо, но она што загрижува е обидот да живееме апсолутно оптимални животи, да го вклопиме животот во алгоритам и на основа на тоа да го процениме неговиот квалитет.

Многу луѓе денес така пристапуваат кон приказната за менталното здравје. Во општото бркање успех, и на работа и на приватен план, упорно се обидуваме да ја „провалиме играта“, и без препреки да ги поминуваме нивоата, собирајќи награди. Пробуваме да го освоиме животот, да бидеме витални и весели, мотивирани и инспирирани, да бидеме во среќни врски што нè исполнуваат, а притоа не нè спречуваат во патот кон потполното самоостварување. Секогаш. Е, тука се јавува проблем, затоа што сè тоа се случува понекогаш во животот: И виталност и среќа и мотивација и инспирација, но барањето да бидат секогаш тука нè води во хронично чувство на незадоволство. Тоа е единственото што може да се чувствува во судирот со комплексната реалност, која носи и болест и тага и недостаток на мотивација, или едноставно лоши и здодевни денови.

Тагата е една од емоциите каде што квантификацијата е посебно популарна бидејќи им овозможува на луѓето бар некое чувство на контрола кога ќе се најдат под нејзиното тешко, успорувачко влијание. „Прочитав дека некои психолози велат дека за опоравување од врска се потребни шест недели“, или „За тагување после врска потребно е половина од времето колку што траела.“ Кому да се верува? И што да се заклучи ако, за да ја одболите врската што траела седум месеци ви се потребни баш толку - седум месеци, на пример? Дека не сте доволно добри, дека немате контрола над сопствените емоции, дека сте суштински слаби? Или можете и луѓето кои се расфрлаат со претпоставки и совети да ги пуштите, како што ќе се оттргнете од тастатурата и ќе престанете да гуглате кога може да се каже „те сакам“, или колку секс во врската е баш таман.

Наместо тоа, погледнете во себе и личноста покрај себе. Тоа што го сакате е во ред, сè што чувствувате е сосема во ред, како што е во ред и тоа што го сака и чувствува другата страна. Кога сме заедно, проверуваме и тестираме каде можеме да се најдеме и да преговараме како би можеле да си одговориме на меѓусебните потреби. Ако успееме, супер, тоа е клуч за среќна врска, ако не, тогаш едноставно не сме го нашле, но и тоа се преживува. „Преговорите со себе“ се малку поинаква приказна. Тука е важна свеста за сопствените емоции и препознавање кога сте почнале себеси да си префрлате за тоа што го сакате или чувствувате. Ако ја пуштите идејата дека е оптимално олку или онолку од нешто, и ако си дозволите емотивни процеси во ваш автентичен ритам, полесно ќе поминете низ нив. Попат ќе научите нешто за себе и ќе работите на тој саморазвој за кој сите без престан зборуваме.

Развојот доаѓа од интеракција со луѓе, но на крајот сепак доаѓа однатре. Истражувањата, литературата, советите - сето тоа може да помогне, но само ако сопственото искуство го поврземе и прилагодиме на сопствените потреби. Верувајте му на ваште искуство и на вашата интуиција и пуштете ги бројките. Тие се навистина важни во некои области, но сепак, немаат никаква врска ни со емоциите, ни со сексот, а особено не со душата.

Пишува: Ива Бранковиќ, за Велике приче

29 февруари 2024 - 15:09