Колку има „француско“ во Тимоте Шаламе?

Шаламе би сакал сите да знаеме дека е Французин. Ама колку има француско во него? Штом мора да се праша…

Има и видеа од него, една човечка чепкалка за заби облечена во тренерка и рапува демек, Voulez-vous coucher avec moi / Oui, je suis from France, или може да се начека фотографија од премиерата на „Женички“ во Париз, каде што носи привезоче со кула.

За разлика од сестра му Полин, Тимоте никогаш нема живеено во Франција фул-тајм, ниту играл во француски филм. Со секоја нова премиера, се појавува по француски телевизии, вести и радио, го опишуваат како Франко-Американец (мајка му е Американка, татко му е Французин). Летата навистина ги поминувал кај баба му и дедо му во Ле Шамбон-сур-Лињон - село кај Лион, каде што „си играл надвор додека возрасните пиеле кафе.“

Ако ги прашаш француските медиуми, го викаат „ултимејт секс-симбол на Генерацијата З“, но ако прашаш реални Французи, како што тоа го има направено новинарката Џасмин Војдани за потребите на колумната во Вулчр, друго ќе кажат.

На пример, дека е многу американски да се има вкус за мажи што се во тренд (а такви мажиња како Тимоте и Хари Стајлс се скроз тренди). За зборувањето француски, велат дека збори смешно, до понижување, а за тоа колку француско има во него велат - ич.

„Ова е човек на кој му фали суштина зад францускиот параван. Секогаш било опасно да се остане на површината заради естетика чија намена е да задоволи, да постигне комерцијални или кариерни цели.“

Коментираат и дека има многу не-француски актери кои се далеку по-Французи во нивниот пристап - таква е Кејт Бланшет, Австралијанка, а има уметничка внесеност, еден манифест од кој Тимоте е многу далеку. Го споредуваат со еден француски забавен парк каде што има лажно средновековно село, и како и паркот, и Шаламе користи параван од француски клишеа што не одговараат со реалноста.

„Не го гледам баш како Французин, не,“ вели Инес Оливие, адвокатка и подкастерка. „Ако некој ми побара да набројам француски актери, не би го кажала него. Малку ни е гајле. Веројатно за Американци, фацата му е француска. Но, во Франција би бил обичен дечко што пуши цигари пред школо.“

13 декември 2023 - 00:00