Колку е лошо да се карате пред децата?

Се разбира дека нема безгрешни по ова прашање. Работата е колкав проблем правите и како правилно да се дискутираат проблеми пред деца?

Прво правило е почит. Ова е основно, ама важно е да се повтори: Не може вреѓање, не може спомнување работи што повредуваат и се очигледно непочитување, не може пцуење - и ова секако не треба, ама особено не треба пред деца. Има разлика меѓу расправање и карање и во ред е да се покаже дека постојат разлики во мислење, но треба да се направи напор да се одржи почитувањето меѓу партнерите и да се покаже пред децата дека е важно да се чуе и мислењето на другата страна.

Второ правило - железото се кова додека е ладно: Ако може да се почека со расправија што неминовно ќе води до разжестување, тогаш најубаво да се почека. Расправиите се најпродуктивни со ладна глава, не само за родители, туку и за партнери без деца и ова особено важи за расправии што се повторуваат.

Трето правило е секогаш да се демонстрира поправка: Ако се расправате кој треба(ло) да ги измие садовите, расправајте се, ама нека видат децата дека доаѓате и до решение. Нека има смирување на топката, нека има извинување затоа што на тој начин децата учат дека луѓето можеби не се согласуваат, но секако можат да бидат љубезни еден кон друг во целиот процес.

И четврто правило, ако сепак збеснеш, и тоа објасни го: Можеби темата е стресна и можеби ќе ти изгори фитилот во некој момент - децата треба да знаат дека емоциите се валидна работа, дека понекогаш нè престигнуваат и дека е тоа во ред, сè додека се извиниш ако си исплашил некого. Паметно е и да се прашаат што мислат и да се охрабрат да си кажат - на овој начин се отвораат канали за комуникација и ќе знаат дека можат јасно да кажат што чувствуваат, ќе знаат дека се безбедни, а ќе почувствуваат дека родителите заеднички работат на наоѓање решение.

17 април 2024 - 00:00