Флерт со нацистите е всушност најблагиот израз за она што го правела Коко Шанел според Хал Вон и неговата книга „Спиење со непријателот: Тајната војна на Коко Шанел”, затоа што активно соработување со нацистите, живеење со нив во хотелот Риц додека француските Евреи ги шутираат од дома и станување најбогатата жена на светот благодарение на нивното богатство не е баш флерт, туку сериозна, елаборативна, метафорична оргија.
Кога се појави книгата, модната куќа проба да ја извади работата со изјава: „напишани се 57 книги за Габриел (Коко) Шанел. За да се одлучите, би ви препорачале да ги консултирате посериозните.”
Според нив, Вон не е сериозен писател и пишува ѓубре и трачеви, но мало истражување може да доведе до многу информации околу тоа. На пример:
Американски автор кој живее во Париз, Франција. Работел во американската меѓународна служба пред да стане новинар на задачи во Европа, Блискиот исток и југоисточна Азија. Има служено и во американската војска за време на Втората светска војна и во Кореја и бил инволверан во голем број на разузнавачки активности како офицер за време на Студената војна. Неговата жена, инаку Французинка и сега почината, исто така работела во разузнавачките служби во Женева. Вон има интимни познавања од тајни меѓународни операции.
Сето ова ПР-тимот на Шанел избира да го игнорира. Ја даваат следната изјава во контекст на некои тврдења во книгата.
„Знаеме дека таа и Черчил (кој е британски премиер за време на војната) биле блиски пријатели долго време. Таа му се обратила за да биде посредник меѓу Сојузот и Германците за договор за мир, познат како “Operation Modelhut”. Никој не знае точно каква требала да биде нејзината улога. Има повеќе различни верзии и ќе остане мистерија.”
Ај да видиме каква е таа операција.
Во документи од Втората светска војна кои ги разоткрива Вон, еден од француската полиција ја опишува како „дизајнер на облека и парфеми. Псевдоним: Вестминстер. Референтен број: Ф 7124,” и ја поврзува со шпионажа заедно со Генерал Валтер Шеленберг, шеф на СС разузнавачка служба.
Зошто Коко Шанел би се дружела со Нацисти?
Има извештаи кои зборуваат дека Коко „ужасно мразела Евреи”. Кога почнала војната, таа веќе била во романтична врска со еден германски аристократ, Гунтер фон Динклиџ кој му одговарал директно на Геблс, нели, „десната рака на Хитлер”.
И од ова се обиде ПР-тимот на Шанел да се извади со следната изјава:
„Тајмингот на оваа врска со Германец е секако несреќен, без разлика што мајката на Баронот фон Динклиџ е Англичанка, а нивната врска е започната пред војната.”
Само што почнува војната во Европа, Шанел ги затвора работилниците, предизвикувајќи 3000 жени да останат без работа кога најмногу им е потребна. Изјавува дека „сега не е време за мода.” Се шпекулира дека ова им го направила за инат, затоа што неколку години претходно тие ја принудиле да затвори за време на еден општ работнички штрајк во Франција. И со затворени дуќани, Шанел има доволно време да се посвети на политика - само што, излегува дека се посветила на непријателската кауза.
Додека повеќето Парижани ги клоцаат од сопствените станови и куќи за време на Германската окупација, Шанел удобно и луксузно живее во Риц, благодарение на врската со Германецот и наци офицер. Ни комшиите во хотелот не и се занемарување: еден куп нацистички офицери, агенти и шпиони, заедно со Геринг и Гебелс.
Во приватните кругови, Коко Шанел не штедела на муабети од типот дека „Евреите се болшевичка закана за Европа.”
Во документите кои ги открива Хал Вон, пишува дека ги искористила и своите „Ариевски права” за комплетно да ја искористи нацистичката узурпација на имотот и работите на Евреите.
На пример, нејзиниот најпрофитабилен производ, парфемот Chanel No. 5 е комплетно финансиран од еврејското семејство Вертајмер.
На 5-ти мај, 1941-ва, Коко Шанел пишува писмо до владиниот сектор одговорен за справување со финансискиот имот на Евреите:
„Шанел парфеми е сè уште во сопственост на Евреи… и легално се 'напуштени' од сопствениците. Јас имам неотповиклив приоритет. Приходите што ги добивам од моите креации од основањето на мојот бизнис… се непропорционални.”
На крај, Шанел стекнала воен профит од продажбата на нејзиниот парфем, еднаков на денешни 25 милиони долари годишно. Ова ја прави најбогатата жена на светот во тоа време – благодарение на нацистите.
Во еден чуден пресврт, успева и да го натера Пјер Вертајмер да се согласи да ѝ ги плаќа сите животни трошоци до крајот на животот. Подоцна го прогласува за „бандит кој ја заебал”.
Во еден момент, според книгата на Вон, таа престанува да биде забављач на нацистите во Риц и самата им се придружува.
Според едно архивско истражување за книгата, наводно била платеник на Генерал Валтер Шеленберг, шеф на СС разузнавчката служба кој подоцна го затвораат заради воени злосторства.
Нејзиниот таен идентитет, агент 7124, шифра: Вестминстер е поради нејзиниот поранешен љубовник со кој била 10 години – Војводата од Вестминстер – богат член на британското кралско семејство кој бил отворено антисемитист, дури и едно од неговите кучиња го нарекол Јew. Токму во овој круг на луѓе, Шанел поминува време со ликови како премиерот Винстон Черчил.
Во 1943-та, две години пред да заврши војната, Коко патува со наци љубовникот во Берлин, за операцијата Modellhut, која, како што кажаа од ПР-от на Шанел „била за помирување на двете завојувани страни.” Ова не е нешто предалеку од вистината, со тоа што ваквото „помирување” ќе било многу поинакво од она што го замислуваме - со резултат - денешна Европа главно да зборува германски.
Целта на ова одење до Берлин било да се сретне и да се направи стратегија со Химлер, кој, да се потсетиме е еден од најмоќните луѓе во нацистичка Германија и еден од најодговорните за холокаустот.
Заедно со Коко и Шеленберг се верува дека смислиле план да се изврши притисок на Британија да ги заврши непријателските односи со Германија, со посредник кој би пренел писмо од Шанел до Черчил преку британската амбасада во Мадрид. Нејасно е зошто нацистите сметале дека писмо од Шанел би ја завршило војната, но постојат досиеа кои зборуваат за огромна сума на пари која требало да се префрли на име Шанел во Мадрид. Сè уште е мистерија за што биле парите, затоа што мисијата била неуспешна од следните причини:
Шанел прелажала една пријателка, Вера Ломбарди, да ѝ биде посредник. Ја убедила дека оди во Шпанија да ги истражи можностите за отворање работилница и продавница во Мадрид, но немала никаква намера тоа да го прави.
Како што откриваат доказите од британската разузнавачка служба, сè ова пропаѓа во моментот кога г-ца Ломбарди открива што е вистинската намера, и при пристигнувањето во Британската амбасада во Мадрид се откажува од Шанел и сите други инволвирани нацистички шпиони.
Ако е толку крива, зошто не одговарала кривично?
„Многу луѓе на светов не сакаат икона како Габриел 'Коко' Шанел, еден од најголемите културни идоли на Франција да се уништи,” вели Хал Вон и навистина, никаков документ не излезе во јавност додека тоа самиот тој не го извади пред очите на светот.
А тоа не е случајно.
Шанел сепак била викната два пати на испрашување, соочена со обвиненија за време на судењето на Барон Луј де Вофреланд, француски аристократ поврзан со нацистите.
И двата пати била ослободена и избегнала гонење благодарение на „недостаток на документирани докази за нејзината соработка” и благодарение на пријателите од високите друштва меѓу кои наводно се наоѓал и Черчил. Според правнуката на Шанел, Габриел, кога се вратила дома од испрашувањата во 1944-та, рекла „Черчил ме ослободи.”
Интересното е што документите се достапни дури сега кога ризикот од нарушување на нечиј углед е помал. Чиј тоа углед?
Кога почнал да се одмотува вистинскиот хорор за холокаустот кон крајот на војната, бројните блиски пријателства на Шанел со британски антисемитисти и симпатизери на пропагандата, често аристократи и членови на кралското семејство стануваат закана. Ви текнува на Војводата од Вестминстер и неговото куче Jew? Е, така.
Наводно, Винстон Черчил го убедил британскиот амбасадор во Париз да ја осигура заштитата на Шанел. Имало и многу луѓе кои имале што да кријат и би настрадале со углед, па и со слобода, доколку сведочела Коко Шанел пред суд. Затоа, Шанел никогаш не била кривично гонета како предавник, ни како нацистички шпион и продолжила со една од најуспешните модни куќи на светот.
Така, додека жените во повоена Франција обвинети за спиење со германски војници ги влечеле по плоштади, ги соблекувале и им ги бричеле главите, а на градите им цртале свастики додека мажите стоеле од страна и фаќале сеир, Шанел продолжила да напредува со својата модна куќа, комплетно финансирана од Вертајмер, истото еврејско семејство што се обидела да го уништи за време на војната.
И додека Парижаните не биле воодушевени од пазарење кај нејзе во годините што следувале, во Америка и Велика Британија ја чекале со аплауз и воодушевување.
Шанел продолжува да ги поддржува нејзините СС другарчиња и после војната. Во 1946-та, кога го осудиле Шеленберг во Нирнбершките процеси за воени злосторства и подоцна бил ослободен поради болест, Шанел му ја плаќала медицинската грижа и трошоците за живот на него и на неговото семејство во Италија сè до неговата смрт.
Нејзиниот пријател и биограф Марсел Хедрих во еден момент кажува:
„Кога човек сериозно би ги сфатил слободите што си ги дозволила г-ца Шанел за време на тие црни години на окупацијата, би излегол од кожа.”
Од целава приказна што звучи како извадена од оние глупи сајтови каде што сите се предмет на теорија на заговор (а не е), нам ни останува да се запрашаме дали и овде важи дека „Победникот ја пишува историјата”? И ако Шанел излегува како победник, како може да ја има во истата таа историја од губитничката страна?
Да можеше да се праша сега Черчил.