
Во сезоната која официјално треба да биде „најубавото време од годината“, зад блескавите украси и беспрекорните Инстаграм фотографии што нас нè ставаат во празнично расположение, работи една армија од - мајки. Ова не е разнежнета изјава, ова е статистика, плус искуства, плус реалност.
Подготовките кај многу семејства започнуваат уште во септември. Листи со подароци, календари за настани, ексел-табели за буџети, стратегии за криење пакети од љубопитни деца… За голем дел од мајките, токму овие „мали“ ритуали стануваат тест на компетентност како мајка во ерата на Пинтерест и Инстаграм.
Истражувањата одамна го потврдуваат и впечатокот: жените сè уште го носат најголемиот дел од домашниот товар. Во 2024, според Бирото за трудова статистика во САД, жените работеле во просек 25 минути повеќе домашни задачи дневно, додека мажите уживале во 50 минути повеќе слободно време неделно. Нееднаквоста логично се прелева и во празничната сезона: според анкета на YouGov/Yahoo, 60% од жените велат дека главно тие го планираат сето празнично сценарио, додека само 14% од мажите имаат таков одговор.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи, мајки-инфлуенсерки отворено зборуваат за „менталниот товар“ - невидливиот, но нон-стоп напор кој ја одржува секоја куќа функционална. Од координации со баби и дедовци, до проверка дали сите имаат пижами во точна величина, ова е труд што ретко се гледа, но е во центарот на празничниот хаос.
Психолозите велат дека тука има длабоко вкоренети очекувања и стереотипи. „Мажите ретко чувствуваат дека некој ќе ги суди според тоа колку им е украсена куќата“, коментира професорката Корин Лоу. Мајките, пак, често се движат меѓу исцрпеност и чувство на вина дека без нивната организација магијата ќе се распадне.

Но има и обид за промена. Некои семејства почнуваат да делегираат, да прескокнуваат непотребни традиции, или да прифаќаат „доволно добро“ наместо беспрекорно. Други воведуваат поделени листи со задачи или едноставно - дозволуваат дел од контролата да се пушти.
И најверојатно токму тука се крие современата празнична порака: магијата не исчезнува ако нешто не е совршено. Затоа, ако сте доволно возрасни да разбирате - годинава на мајките и сопругите подарете им раат. Кажете им дека не мора. Преземете обврски на себе. Организирајте ги вие подароците и криењето.
Отсуството на притисок и товар е потценет поклон за Нова година.